Поп-иконата Бритни Спирс ги продаде правата на својот легендарен музички каталог во една од најголемите зделки во музичката индустрија во последните години, објави Page Six, повикувајќи се на документи до кои дојде TMZ.
Според тие информации, Спирс на 30 декември ги префрлила своите удели на Primary Wave, приватна музичка издавачка и менаџерска компанија со седиште во Њујорк.
Извор близок до договорот за TMZ изјавил дека станува збор за „историска зделка“, чија вредност се проценува на околу 200 милиони долари, сума слична на онаа што ја доби Џастин Бибер кога во 2022 година ги продаде правата на својот каталог.
Вклучени најголемите хитови
Договорот ги опфаќа најголемите хитови на Бритни Спирс од доцните 1990-ти и раните 2000-ти, меѓу кои и песните од нејзиниот деби-албум “…Baby One More Time” (1999), како и албумот “In the Zone” од 2003 година, на кој се наоѓа светскиот хит „Toxic“.
Токму со „Toxic“, Спирс ја освои својата прва Греми-награда во 2005 година за најдобра денс-снимка. Во пакетот се вклучени и песни како „Oops!… I Did It Again“, „Everytime“, „Piece of Me“, „Gimme More“, „Hold It Against Me“ и „(You Drive Me) Crazy“.
Прослава со синовите и повлекување од музиката
Според изворите, 44-годишната пејачка е задоволна од договорот и го прославила со своите синови – Шон Престон (20) и Џејден Џејмс (19). Нејзиниот тим засега не дал официјален коментар.
Продажбата на каталогот доаѓа по нејзината изјава од јануари 2024 година дека нема намера да се врати во музичката индустрија. Последниот студиски албум на Спирс, “Glory”, беше објавен во 2016 година, а нејзината последна соработка – песната “Mind Your Business” – излезе во 2023 година.
Нејзиниот последен јавен настап беше во 2018 година, за време на турнејата “Piece of Me” во Остин, Тексас.
Нов тренд меѓу светските ѕвезди
Продажбата на музички каталози стана сè почеста практика меѓу светските музички ѕвезди. Пред Бритни Спирс, вакви договори склучија и Стиви Никс, Шакира, KISS, Брус Спрингстин, Фил Колинс и Боб Дилан.
Иако се повлече од активна кариера, медиумите наведуваат дека Спирс сè уште е вклучена во музиката – но овојпат како поддршка на својот син Џејден, кому му помага да воспостави контакти со продуценти и безбедно да го гради сопствениот музички пат.
Редакција Фронтлајн







