Актерката Блејк Лајвли нагло ја напушти судницата по шест часа тешки преговори со актерот и режисер Џастин Балдони, без да биде постигнат договор, објави Daily Mail.
Лајвли, 38, била забележана како излегува од судницата во федералниот суд во Менхетен, сериозна и без да даде изјава и веднаш се упатува кон лифтот заедно со својот адвокат Мајкл Готлиб. Само пет минути подоцна, Балдони, 42, ја напуштил судницата во придружба на својата сопруга Емили, со која бил забележан насмеан и во разговор.
Извор за медиумот изјавил дека договор не бил постигнат и дека двете страни ќе се вратат во судница следниот ден.
Последен обид пред судењето во мај
Преговорите се одржале како дел од судски наложена конференција за спогодба во федералниот суд во Њујорк, што претставува последен обид спорот да се реши пред почетокот на судењето закажано за 18 мај.
Состанокот бил затворен за јавноста и медиумите и го водела судијката Сара Л. Кејв. Преговорите траеле со часови, а во еден момент во судницата била донесена храна, што укажува дека разговорите продолжиле и за време на паузата за ручек.
Ова е првпат Лајвли и Балдони директно да се соочат во судница откако започна нивниот правен спор во декември 2024 година.
Обвинувања за сексуално вознемирување и контратужба
Лајвли претходно поднесе тужба против Балдони, обвинувајќи го за сексуално вознемирување и одмазда на снимањето на филмот It Ends With Us, во кој двајцата глумеа, а Балдони беше и режисер. Таа бара отштета од 161 милион долари за, како што наведува, лични и финансиски штети и наводна кампања за нарушување на нејзиниот углед.
Балдони возврати со контратужба од 400 милиони долари против Лајвли, нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс и весникот New York Times, обвинувајќи ги за клевета. Сепак, судија ја отфрли таа тужба.
Правниот тим на Балдони исто така побара судот да ги отфрли обвинувањата за сексуално вознемирување, но судијата засега не донел конечна одлука.
Правната битка продолжува
Лајвли била првата што поднела тужба, тврдејќи дека по нејзините обвинувања против Балдони следела организирана кампања за нарушување на нејзиниот јавен имиџ. Неговите адвокати ги негираат овие обвинувања.
И покрај долгите преговори, отсуството на договор значи дека правната битка меѓу поранешните колеги најверојатно ќе продолжи на суд, со потенцијално судење што би можело да привлече огромно медиумско внимание.
Редакција Фронтлајн







