Премиерот Христијан Мицкоски во текот на два дена од 62. Минхенска безбедносна конференција остварил повеќе средби со претставници на меѓународни компании, европски лидери и влијателни организации, соопшти Владата.
Според соопштението, во рамки на конференцијата премиерот остварил средба со високи претставници на германската компанија „Шварц“, една од најголемите компании во светот.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата „Шварц“, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра“, изјавил Мицкоски.
Како што се наведува, компанијата „Шварц“ има повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји, меѓу кои и Македонија.
Во текот на конференцијата, премиерот се сретнал и со сопственикот на компанијата „4iG“, која веќе поседува лиценца за трет мобилен оператор во Македонија.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, се наведува во соопштението.
Мицкоски присуствувал и на свеченото отворање на конференцијата, каде што обраќање имал германскиот канцелар Фридрих Мерц, а во рамки на состаноците остварил средба и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, изјавил премиерот.
Во текот на конференцијата, премиерот остварил средба и со Тед Дојч, извршен директор на American Jewish Committee.
„Денес во Минхен остварив средба со Ted Deutch, извршен директор на American Jewish Committee, една од највлијателните организации која децении наназад работи на јакнење на демократските вредности и унапредување на трансатлантските односи“, навел Мицкоски.
Тој додал дека на средбата било разговарано за продлабочување на соработката и заеднички иницијативи.
„Разговаравме за продлабочување на соработката, заеднички иницијативи во насока на заштита на човековите права, унапредување на меѓурелигискиот дијалог и градење општество засновано на почит, толеранција и слобода“, изјавил премиерот.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски се сретнал и со холандскиот премиер Дик Схоф.
„Денеска во Минхен остварив продуктивна средба со холандскиот премиер, Дик Схоф. Холандија не е само наш искрен пријател, туку и еден од нашите најзначајни економски партнери“, изјавил Мицкоски.
Тој истакнал дека на средбата била потврдена поддршката на Холандија за евроинтегративниот процес на Македонија.
„Добивме јасна потврда дека Македонија има силен сојузник во Холандија за нашиот евроинтегративен пат, базиран на реални резултати и реформи“, навел премиерот.
Дополнително, било разговарано и за економската соработка и нови инвестиции.
„Разговаравме за холандските инвестиции кои веќе се присутни со свои производствени капацитети во Македонија, исто така и за можноста за поголема соработка и инвестиции на холандски компании во сферата на здравството“, изјавил Мицкоски.
Тој додал дека Владата продолжува со активностите за привлекување странски инвестиции.
„Продолжуваме да ја градиме Македонија како атрактивна дестинација за европскиот капитал. Секоја нова инвестиција значи нови работни места и подобар стандард за нашите граѓани“, навел премиерот.
Во соопштението се наведува дека Владата ја поздравува и усогласената заедничка изјава со Белата куќа за идниот трговски договор меѓу двете земји.
„Тоа е договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании“, изјавил Мицкоски.







