Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција на Антикорупцискиот тим на партијата обвини дека фирмата „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје добила 74 тендери вредни 17,6 милиони евра за период од две години, оценувајќи дека станува збор за сериозни сомнежи за наместени јавни набавки.
„53 дена, речиси два месеци, толку време поминаа досега а нема ниту една институционална реакција на скандалите и криминалните тендери кои ги објави Антикорупцискиот тим на СДСМ. 53 дена, сите молчат“, изјави Димитријевиќ.
Тој додаде дека во исто време, според него, државата се соочува со ограничени средства за плати и субвенции, додека одредени фирми добиваат милионски договори.
„Нема пари за поголеми плати, се кратат субвенциите на земјоделците за 40 милиони евра, а зад грбот на народот, едни исти фирми добиваат милионски тендери со милионски суми“, рече генералниот секретар на СДСМ.
Според него, институциите не презеле активности по досегашните наводи.
„Обвинителството молчи, ДКСК молчи, Финансиска полиција молчи. Власта си го штити сопствениот бизнис“, изјави Димитријевиќ.
Тој посочи дека според податоците со кои располага партијата, фирмата „Ленди Груп“ забележала значителен раст на добиени договори од 2024 година наваму.
„Денеска објавуваме уште една бомба, нова фирма, уште една меѓу омилените за власта. 74 тендери вредни 17,6 милиони евра за само две години добила оваа фирма ‘Ленди Груп’ ДООЕЛ Скопје“, рече тој.
Димитријевиќ нагласи дека само во текот на минатата година биле склучени 59 договори, најголем дел со општини.
„Симптоматично, вредноста на овие договори речиси целосно се поклопува со проценетата вредност на тендерите. Ова е основен сомнеж – индикатор за наместени тендери и јавни набавки“, изјави тој.
Дополнително, тој посочи дека ова е трет случај за кој Антикорупцискиот тим на СДСМ објавува податоци поврзани со тендери.
„161 тендер за семејната фирма на Томовски, 51 тендер за друга фирма преку општините, сега 74 тендери за трета фирма блиска до власта“, рече Димитријевиќ.
Тој ја обвини власта дека преку јавните набавки се распределуваат значителни јавни средства.
„Си делат милионски тендери, како колачи. Додека нема пари за поголеми плати за работниците, нема за земјоделците, нема за поголема минимална плата, се испумпуваат пари на народот преку тендери“, изјави генералниот секретар на СДСМ.
Од СДСМ најавија дека нивниот Антикорупциски тим ќе продолжи со објавување на нови информации.
„АКТ продолжува со работа. Одговорност ќе има. Работата не е завршена“, изјави Димитријевиќ.







