Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, денеска на прес-конференција обвини дека Владата има директни информации за тековни судски процеси и оцени дека тоа претставува доказ за политичка контрола врз судството.
Според Жерновски, владината портпаролка на јавна дебата изнела информации за негов судски процес против Министерството за надворешни работи, кој сè уште не бил завршен.
„Портпаролката на Владата имаше податоци за тоа каква е пресудата. Јас пресудата не ја дознав од адвокатите, не ја дознав од судот, туку ја дознав од Владата на нашата држава“, изјави Жерновски.
Тој ја цитираше изјавата на портпаролката, за која тврди дека рекла: „Моите информации говорат дека ви е изгубена жалбата“, што, според него, значи дека Владата има информации од судските институции пред да биде официјално објавена одлуката.
Жерновски оцени дека ова претставува „голем скандал“ и најави дека СДСМ ќе бара истрага за тоа како Владата дошла до такви информации.
„Ова значи дека процесите во судството, особено против Владата и институциите, се под влијание и дека пресудите се познати однапред“, рече тој.
Во своето обраќање, Жерновски наведе и други примери кои, според него, укажуваат на политичко влијание врз правосудството, вклучително и промени во обвинителството, назначувања во Судскиот совет и Уставниот суд, како и, како што рече, користење на институциите за притисок врз опозицијата и синдикатите.
Тој исто така обвини дека безбедносните служби, обвинителството и судството се користат за „заплашување и пресметка со неистомислениците“.
Од СДСМ порачаа дека ќе продолжат да го отвораат ова прашање и ги повикаа граѓаните, како што наведоа, „да не се заплашуваат од притисоците“.







