ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Како ја „промашивме“ Европа: Мицкоски не греши – тој исполнува

February 19, 2026 13:40
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ЕВРОПСКА УНИЈА, ПОЛИТИКА, ФРОНТ
Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Share on FacebookShare on Twitter
Џабир Дерала

Ако се согласиме дека политиките на Христијан Мицкоски и неговата влада не се неуспех, туку план, тогаш прашањето веќе не е дали постои таков план, туку каде нè води. Да разрешиме уште една дилема: одговорот не се крие во изјавите, туку во сигналите, во одлуките и во последиците што веќе ги живееме.

И што сега?

Додека декларативно сме „на евроатлантскиот пат“, суштински се движиме во сосема спротивна насока. Блокирањето на уставните измени не е прашање на идентитет, туку стратегија. Одбивањето да се исполнат обврските од европската преговарачка рамка од 2022 година – не е билатерален спор, како што инсистира власта, не е „принцип“, туку сигнал.

Сигнал кон Белград. Сигнал кон Москва. Сигнал кон Будимпешта. Кон поширока мрежа од авторитарни и клептократски режими и структури.

И сигнал дека – додека тој е премиер – Северна Македонија нема да стане членка на ЕУ. Едноставно, нема да дозволи Бугарите да влезат во Уставот. Но што значи тоа? Гордост? Принцип? Политички став? Не. Тоа е геополитичка декларација. Да претпоставиме дека преговарачката рамка не предвидува ништо поврзано со бугарската заедница. Ако некој мисли дека, Мицкоски и неговата клика немаше да најдат друг начин да се блокира ЕУ процесот, многу горко се лаже.

Да погледнеме во членството во НАТО и одбраната на земјата. Кога министерот за одбрана изјавува дека „додека сум јас министер, нема да има македонски војници во Украина“, не се работи за грижа или претпазливост. Тоа е јасно позиционирање. И порака – до Кремљ. Намигнување, да се послужам со незаборавниот бисер на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Оваа власт зборува едно, но сигнализира нешто сосема друго. Така, наспроти изјавите, сѐ појасен е сигналот дека Северна Македонија може да биде членка на НАТО, но не и сигурен партнер. Оваа власт тоа го покажува и докажува од првиот ден, иако се чини дека никој не сака да го види тоа.

Што се случува со Коридор 8? Со модернизацијата на армијата која, патем, фати шуга? Има ли државата доктрина и стратегија за безбедност и одбрана? Освен изјави, уверување дека „работиме“, ветувања, празна реторика, церемонијалност и спин – на терен, во реалниот свет – ништо. Поточно, сѐ што НЕ е во согласност со децениските стратешки определби на државата. Или, ако не сакаме да бидеме престроги – далеку од доволно да се трансформираат определбите во реалност. А за тоа дека безбедноста и сигурноста ќе ѝ донесат економски просперитет на државата и да не говориме. Да, шесте милијарди евра во британскиот проект се само дел од тоа, но за тоа во друга прилика.

И сето ова се случува во тишина. Не тајно, туку во тишина. Што значи ова? Еве накратко: медиумскиот пејзаж е дисциплиниран, парламентот е претворен во гласачка машина, институциите во продолжена рака на партијата на власт, а интелектуалците и граѓанското општество весело потскокнаа и станаа колаборационисти и апологети на планот на премиерот чиј идол е српскиот автократ Александар Вучиќ.

Ова не е ни оддалеку крај на оваа тревожна приказна. Што може да биде полошо од сѐ што набројав? Одговорот е едноставен: Мнозинството го поддржува планот на Мицкоски. Не затоа што не знае. Туку затоа што прифаќа.

Во општество каде што национализмот се разбира како достоинство, а изолацијата како принцип на сувереност, политиката на Мицкоски не изгледа како радикална, туку како „нормална“, па и долго очекувана.

А опозицијата? За жал, опозицијата не успеа да прерасне во алтернатива, туку стана нешто како алиби – како за сопствените недостатоци и промашувања, така и за власта.

Наместо да ги искористи сите капацитети да создаде простор за обнова, негување и зајакнување на демократските вредности, опозицијата – како кај Македонците, така и кај Албанците и сите други етнички заедници – се фрагментирани и самозадоволни статисти во политички театар во кој како одвај да чекаше да добие споредна улога.

Без визија, без храброст и без јасна линија на отпор, опозицијата престана да биде политички артикулатор на демократските потреби и стремежи во земјата.

Ставот на лидерот на најголемата опозициска партија, Венко Филипче, на моменти остава впечаток дека нешто се движи во партијата, дека има некаков план и решеност да се застане на патот на деструктивниот Мицкоски, но тоа не е доволно. Особено затоа што социјалдемократите, откако од нив се отцепи прорускиот и националистички корпус кој се регистрира под името „За наша Македонија“ односно ЗНАМ, сега се ослабени – иако „прочистени“ од својот радикално националистички корпус – а процесот на фрагментација и внатрепартиски борби продолжи, на моменти и под, условно кажано, чудни околности поврзани со финансиски истраги од власта.

Дали поради тоа или поради неуспехот да се консолидираат околу вредностите и програмата за опозициско делување, опозицијата – не само СДСМ – останува на маргините на политичкиот живот, речиси невидлива, истисната од медиумскиот мејнстрим. Но за тоа се и самите одговорни, бидејќи не покренуваат дебати за клучни прашања во јавноста. Накратко, барем досега, опозицијата и независните актери во општеството не успеваат да понудат одговори на суштинското назадување на демократијата и на длабоко всадениот – и нормализиран – национализам и дискриминација.

Дали во прашање е калкулација, политички опортунизам или отсуство на капацитет, сеедно, ефектот е – парализа на продемократското делување во земјата.

Албанските партии во власта? Нивната улога, од самиот почеток, не може да се дефинира со изразот „коалициски партнер“. Тие се само декор и ништо повеќе. Додека правата што тврдат дека ги бранат се разредуваат и релативизираат, тие избраа удобност наместо принципи, функции наместо одговорност. Наместо – заедно со другите демократски сили во земјата – да бидат брана против националистичките политики, тие станаа нивен преведувач и амортизер. Со тоа обезбедија само привид на мултиетничност за политиките на власта која системски ја укинува токму мултикултурната димензија на општеството и државата. Молкот пред отворените анти-ЕУ позиции и отстапките што ги прават албанските политички актери-аматери (речиси во буквална смисла на зборот) не се прагматизам, туку соучесништво. И секоја следна „црвена линија“ што ја премолчуваат, станува нова фаза во националистичкиот авторитаризам што се воведува во земјата.

Непотребно да се потцрта – со сето тоа во обѕир и со сè што оваа кратка анализа подразбира, демократијата во земјата е во вистинска опасност. Мицкоски и неговата клика, во коалиција со албанските партии кои служат како штака на режимот, се успешни – ја постигнуваат целта.

Уште пострашно од сево ова е што, освен политички, гледаме и живееме во време на општествен консензус за уништување на шансите на Северна Македонија за европска иднина и просперитет.

Ова не е авторитаризам што се наметнува против „волјата на народот“. Ова е авторитаризам што се храни од таа волја.

Затоа, да го следиме вокабуларот на премиерот кој за себе вели дека е добар математичар и дека е прецизен. Па, прецизно: Мицкоски не ја „кочи“ државата. Тој ја насочува. Мицкоски не ја „промаши“ Европа. Тој свесно ја избегнува.

И не „греши“. Тој исполнува.

Прашањето не е што прави тој. Тоа веќе го знаеме.

Прашањето е зошто многумина – да не кажам мнозинството – се преправаат дека не гледаат. Впрочем, познат е одговорот и на тоа прашање.


Текстот е личен став на Авторот. Преземено од Цивил Медиа
Next Post

Митева: Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања

Shortcut

Најново

Тренчевска: Со ВМРО, Македонија е само лидер по сиромаштија, криминал и изолација

June 3, 2026
Фото: ВЛЕН

ВЛЕН: Албанскиот ансамбл се комплетира со 45 решенија за вработување

June 3, 2026
Скриншот

Администрацијата на Трамп се закани со воведување дополнителни царини кон 60 земји вклучувајќи ја и ЕУ

June 3, 2026

Почнува јубилејното 25-то издание на ОФФест

June 3, 2026
Фото: Влада

Кошта: Уставните измени единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори на земјава со ЕУ

June 3, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Фото: Охрид „СОС“

     „Охрид СОС“  бара итна привремена заштита на куќа од 1927 година во Охрид

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Удар врз Перез: Милијардерот Рикелме влегува во трка за претседател на Реал Мадрид со ветување за две суперѕвезди

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Викенд хороскоп на Анаис за 30 и 31 мај 2026: Кулминација на Сината Месечина и големата транзиција

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Дневен хороскоп со Анаис за 29 мај 2026: Широки хоризонти и чист оптимизам

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Месечен хороскоп со Анаис за јуни 2026: Ментална експанзија и емотивна консолидација

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk