Министерот за здравство денеска на прес-конференција информираше дека Владата донела одлука за одземање на одобренија за одгледување канабис за медицински цели кај шест правни субјекти, по спроведени вонредни контроли во секторот.
„Денес упатуваме порака дека државата повеќе нема да гледа настрана таму каде што има сомнеж за злоупотреба на дозволи, пропусти во институционалниот надзор и ризик за јавниот интерес. Секторот за одгледување канабис за медицински цели мора да функционира строго законски, транспарентно, без ‘сиви зони’, без привилегирани и без заштитени“, истакна Алиу.
Министерот нагласи дека ќе бидат опфатени вкупно 43 правни лица со засилени вонредни контроли, кои се спроведуваат во соработка со МВР, МАЛМЕД, Инспекторатот за земјоделство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и други надлежни институции.
„Досега се извршени 13 контроли кај лиценцирани правни субјекти, при што кај 6 од нив се утврдени неправилности во постапувањето, согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Поради тоа, Владата на денешната седница донесе одлуки за одземање на одобрението за одгледување канабис за медицински цели кај овие 6 правни субјекти“, појасни Алиу.
Според наодите од контролите, биле констатирани несоодветно складирање на сув цвет без пропишано запечатување и складирање, недоставени известувања до надлежната комисија за производство, берба и купопродажба, недоставена целокупна документација и договори поврзани со продажба и трансфер, несовпаѓање меѓу евидентираните и фактички затекнатите количества, како и недоставување известување во законскиот рок од три дена за настанати промени.
Алиу посочи дека контролите откриле и системски слабости.
„Овој процес на контрола на производителите на канабис за медицински цели откри и низа системски слабости, но и назнаки за интенционални празнини во регулативата, што можат да се користат за злоупотреби. Затоа, по завршувањето на контролите кај сите 43 правни лица и по целосното утврдување на сите аномалии, ќе пристапиме кон подготовка на нова и поцврста законска регулатива за одгледување канабис за медицински цели. Како Влада одлучни да не дозволиме било каква идна можност за манипулации и злоупотреби“, заклучи министерот за здравство.







