Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претставува јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на Алијансата.
„Посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност во рамките на НАТО“, објави претседателката.
Таа посочила дека на средбата укажала на посветеноста на државата кон исполнувањето на преземените обврски.
„Укажав на македонското посветено и доследно однесување кон преземените обврски на Самитот во Хаг и Велс во поглед на издвојувањето од БДП за одбраната“, наведе Сиљановска-Давкова.
Претседателката ја потенцирала и улогата на македонската армија во меѓународните мисии.
„Ја потенцирав активната улога на македонската армија во меѓународните борбени мисии, насочена кон одвраќање и заедничка одбрана на НАТО просторот“, истакна таа.
Во објавата се посочува и заедничката согласност околу европската интеграција на регионот.
„Се согласивме за итноста на интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, како најсоодветно решение за отпорност кон трети влијанија, но и безбедност не само на Западен Балкан, туку и на Европа“, наведе претседателката.
Засега нема дополнителни детали за конкретни договори или иницијативи произлезени од средбата.







































































































