Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Иран ќе поседувал нуклеарно оружје доколку тој не го укинел нуклеарниот договор што го постигна администрацијата на Барак Обама.
„Иран ќе имаше нуклеарно оружје пред три години“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, оценувајќи дека светот би бил „целосно поинакво место“ доколку не бил раскинат, како што го нарече, „ужасниот“ договор со Техеран.
Тој додаде дека тоа била „најопасната трансакција во која некогаш сме влегле“ и порача дека одговорноста може да се бара од Обама и од Џо Бајден. На крајот од објавата, Трамп му се заблагодари – на самиот себе.
Рубио: Делувавме проактивно, Иран беше непосредна закана
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио на прес-конференција во Вашингтон изјави дека постоела „апсолутно непосредна закана“ од Иран.
„Знаевме дека ако Иран биде нападнат, а верувавме дека ќе биде нападнат, веднаш ќе тргне кон нас“, рече Рубио.
Тој нагласи дека САД немале намера „да седат и да примат удар пред да одговорат“, додавајќи дека доколку чекале да бидат погодени, ќе имало повеќе жртви.
„Делувавме проактивно, на одбранбен начин, за да спречиме да нанесат поголема штета“, изјави Рубио.







