„Околу 10 милијарди денари се реализирани во првите два месеца и во првите пет дена од март, што претставува приближно 25 проценти од вкупните капитални инвестиции предвидени за 2026 година“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавата ја даде при увидот во градежните активности за изградба на пречистителна станица во населеното место Кучевишка Бара, во Општина Чучер Сандево.
Реализација на капиталните инвестиции
Мицкоски истакна дека и покрај зимскиот период, кога градежните активности се намалени поради временските услови, реализацијата на капиталните инвестиции е на високо ниво.
„Продолжуваме да ги реализираме проектите. Во периодот од годината кога е постудено и има повеќе врнежливи денови и снег, градежните активности се помалку интензивни. Но како што доаѓа пролетта и како се запролетува, така се засилуваат и градежните активности“, рече премиерот.
Тој додаде дека со засилувањето на динамиката на работите ќе расте и реализацијата на инвестициите.
Очекувања за економски раст
Според премиерот, зголемената реализација на капиталните инвестиции треба да придонесе и за економски раст.
„Како ќе се засилува динамиката, така таа бројка ќе се зголемува. Очекувам да се зголемува и бруто домашниот производ и конечно граѓаните да го почувствуваат сето она што го работевме во насока на стабилизација на државата“, изјави Мицкоски.
Во своето обраќање тој ја критикуваше и претходната власт, наведувајќи дека владата предводена од СДСМ и ДУИ оставила тешка состојба во институциите.
„После една криминална влада, влада предводена од СДСМ и ДУИ, која буквално ги уништи институциите, ги ограби граѓаните и ја понижи државата, дадовме сè од себе да застанеме на нозе и да продолжиме да го испорачуваме тоа што граѓаните го очекуваат“, рече премиерот.
Проектот во Кучевишка Бара
Мицкоски им честиташе на локалните власти и институциите што учествуваат во реализацијата на проектот, посочувајќи дека пречистителната станица ќе биде значајна и за жителите на Општина Бутел.
„Добро е да се напомене дека тука ќе има приклучок и дел од населението на Општина Бутел. Им благодарам на градоначалниците, на Министерството за животна средина и просторно планирање, на советниците, пратениците и администрацијата што ја поддржуваат реализацијата на овие проекти“, изјави тој.
Премиерот изрази очекување проектот што поскоро да биде завршен и ставен во употреба.
„Очекувам што побрзо сето ова да биде завршено и да биде ставено во употреба, бидејќи ова им е потребно на граѓаните“, рече Мицкоски.
Ј. Ѓ.







