СДСМ бара Основното јавно обвинителство да отвори предмет и да го испита постапувањето на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со изборот на вицегувернери.
Во одговор на новинарско прашање, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, посочи дека станува збор за сериозни сомнежи за прекршување на законските обврски и блокирање на институционалниот процес.
„СДСМ бара од Основното јавно обвинителство (ОЈО) да отвори предмет и да го испита непостапувањето на Трајко Славески во законскиот рок за избор на вицегувернери во Народната банка. Станува збор за сериозни индиции за прекршување на законот и свесно блокирање на институционалниот процес од страна на гувернерот Славески“, изјави Кузеска.
Таа додаде дека постои основано сомнение за незаконито непостапување, при што, според неа, институцијата функционира во спорен состав.
„Постои основано сомнение за незаконито непостапување на гувернерот, институцијата функционира во спорен состав и одлуките донесени во такви услови можат да бидат правно оспорени“, рече Кузеска.
Според СДСМ, ваквата состојба може да има сериозни правни импликации врз функционирањето на Народната банка, особено во делот на легитимноста на донесените одлуки.
Од партијата очекуваат надлежните институции да постапат и да ја утврдат одговорноста, доколку се потврдат наводите.







