Летното сметање на времето почнува ноќеска по полноќ, односно во недела, 29 март, кога часовникот во 2 часот наутро се поместува еден час напред, на 3 часот, покажуваат податоците на timeanddate.com, додека Во поголем дел од Европа оваа промена традиционално се прави во последната недела од март.
Тоа во пракса значи дека граѓаните ќе спијат еден час помалку, но ќе има повеќе дневна светлина во вечерните часови. Летното сметање на времето во 2026 година ќе трае до 25 октомври, кога часовникот повторно ќе се врати еден час наназад.
Повеќе европски држави го вовеле летното сметање на времето уште во минатиот век, првично со цел да се заштеди енергија, особено во воени периоди и подоцна за време на нафтената криза во 1970-тите. Од 1980 година, ЕУ постепено усогласувала заеднички правила за да се избегнат различни датуми за поместување на часовникот меѓу државите.
Денешниот европски модел е врзан за последната недела од март, кога часовниците се поместуваат напред, и последната недела од октомври, кога се враќаат назад. Иако со години се отвора дебата за укинување на оваа практика во Европа, системот и натаму останува на сила.
За граѓаните, најважно е да запомнат дека промената се случува ноќта меѓу сабота и недела. Најпогодени најчесто се оние што работат рано наутро, патуваат или имаат обврски врзани со точно време, па препораката е часовниците на уредите да се проверат навреме, иако кај најголем дел од мобилните телефони и компјутери промената се прави автоматски.
Редакција Фронтлајн















































































































