Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта остварил средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, соопшти самиот Мицкоски преку објава на социјалните мрежи.
Според неговата објава, на средбата се разговарало за продлабочување на економската соработка, нови инвестиции и конкретни проекти кои, како што наведува, треба да донесат придобивки за граѓаните.
„Денеска во Будимпешта остварив значајна и содржајна средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Разговаравме за продлабочување на економската соработка, нови инвестиции и конкретни проекти кои ќе донесат придобивки за граѓаните“, напиша Мицкоски.
Тој посочува дека Унгарија е „искрен и докажан партнер“ на Македонија, нагласувајќи дека заедничките вредности, меѓусебната почит и соработката се темел на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
„Во време на предизвици, силните пријателства и јасната визија се клучни за стабилност и развој. Македонија продолжува напред со достоинство, со реформи и со поддршка од вистинските пријатели“, стои во објавата на премиерот.







