Антикорупцискиот тим на СДСМ (АКТ) денеска објави нови информации за, како што тврдат, вклученост на контроверзен капитал во енергетскиот сектор на земјата. Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција ја обвини министерката за енергетика Сања Божиновска за поврзаност со бизнис мрежата на премиерот Мицкоски и фирми под санкции на САД.
„Црната листа“ на САД не е пречка за бизнис интересите
Димитријевиќ посочи дека додека државната ЕСМ генерира енормни загуби, власта се фокусира на „црни бизниси“.
„За бизнис интересот на Мицкоски во енергетиката нема граници, ниту црната листа на САД не е пречка. Кога Мицкоски вели децении дека е спремен да чека, еве ја позадината. Додека државната ЕСМ генерира загуби од над 100 милиони евра годишно, увозот на струја расте, а граѓаните плаќаат поскапа струја, власта тера црни бизниси“, изјави Димитријевиќ.
Врската со Миодраг Давидовиќ-Дака
Според тврдењата на СДСМ, министерката Божиновска подготвила соработка со црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака, кој се наоѓа на американската „црна листа“.
„Сања Божиновска подготвила бизнис со контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака, човек кој е на црната листа на САД поради сомнежи за перење пари, поврзаност со криминални организации и офшор бизниси. Компанијата на Давидовиќ-Дака, ’Хронос сум‘, од јануари годинава Божиновска ја ставила во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, објавен од владата“, истакна генералниот секретар на СДСМ.
Офшор шеми и 900 хектари земјиште во Штипско
Истражувањето на АКТ открива дека компанијата „Хронос сум“ е дел од сложена меѓународна мрежа наменета за прикривање на капиталот.
„Истражувањето на АКТ покажува дека ’Хронос сум‘ е дел од офшор мрежа, со сопственост која се движи од Црна Гора, преку Панама, па повторно назад. Класичен модел за прикривање на вистинските сопственици и потеклото на капиталот. Оваа фирма поседува над 900 хектари земјиште во Штипско, наменето за изградба на фотоволтаични централи“, објасни Димитријевиќ.
Тој додаде дека историјата на оваа фирма датира од 2015 година, кога за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ било купено земјиштето во селата Јамуларци и Скандалци, по што сопственоста била префрлена на панамската офшор компанија „Адастра Груп“. Иако досега немало никаква градба, СДСМ тврди дека сега се активираат „старите бизнис шеми“.
Барање за итна истрага
Од СДСМ побараа итна реакција од институциите за да се спречи овој бизнис потфат.
„Бараме оваа одлука веднаш да биде поништена, а Јавното обвинителство да отвори предмет и да го истражи овој случај“, заклучи Димитријевиќ на крајот од своето обраќање.





































































































