Синоќа на паркинг-простор во селото Ростуше, била забележана мечка. На социјалните мрежи е објавена и видеоснимка на која се гледа како таа се шета покрај возилата пред да биде избркана од кучиња. Веста која ги вознемири жителите на овој регион во Националниот парк Маврово.
На објавената видеоснимка јасно се гледа движењето на мечката низ паркингот во селото Ростуше. Животното поминало непосредно до паркираните возила, а инцидентот завршил без последици откако локалните кучиња со лаење ја принудиле мечката да се оддалечи од паркингот и да се врати во шумските предели.
Ова е прв ваков регистриран случај во последните неколку месеци. Иако во минатото беа забележани повеќе наврати на присуство на мечки во неколку села во западните делови на земјава, оваа снимка потврдува дека дивите животни сè уште наоѓаат пат до самите центри на населените места.
Директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими, во изјава за МИА потврди дека се преземени сите потребни мерки по синоќешниот настан. Тој нагласи дека веќе се информирани министерствата за земјоделство, животна средина и внатрешни работи за да се координира понатамошното дејствување.
Ибраими појасни дека на територијата на Националниот парк „Маврово“ моментално има над 180 единки на кафеава мечка. И покрај честото присуство на овие животни во близина на селата, до овој момент нема пристигнато ниту една пријава за предизвикана материјална штета од страна на мечките во овој последен случај.





































































































