Доналд Трамп упати сериозна закана дека ќе ја прекине испораката на оружје за Украина со цел да ги принуди европските сојузници да се приклучат на „коалицијата на волните“ за повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Овој клучен воден пат е практично затворен од страна на Иран по американско-израелските напади во февруари, што предизвика прекин на рутата низ која поминува една петтина од светското количество нафта, пренесува Financial Times.
Американскиот претседател минатиот месец побара морнариците на членките на НАТО да помогнат во деблокадата, но европските лидери првично го одбија тоа со образложение дека е невозможно додека трае судирот. Трамп на ова одговори со најава за прекин на испораките преку PURL, иницијативата на НАТО за набавка на оружје за Украина која ја финансираат европските земји, што предизвика итна дипломатска акција.
Поради притисокот, на иницијатива на генералниот секретар Марк Руте, група клучни земји вклучувајќи ги Франција, Германија и Велика Британија на 19 март издадоа изјава со која потврдија подготвеност за воен придонес во теснецот. Руте ги убедил сојузниците дека Трамп бил во состојба на голем гнев поради нивното првично одбивање и дека постои реална опасност од целосно повлекување на американската поддршка за Украина.
Белата куќа преку портпаролката Ана Кели јасно порача дека „Соединетите Држави ќе паметат“ кој бил со нив во овој тежок момент. Трамп јавно го критикуваше НАТО, нагласувајќи дека Америка ги штити сојузниците од Русија, додека тие одбиваат да помогнат во заштитата на американските интереси против Иран. Тој дури најави дека сериозно ја разгледува опцијата за повлекување на САД од Алијансата.
Дополнителен предизвик е и борбата за воени ресурси, конкретно за ракетите PAC-3 од системот Патриот. Овие ракети им се неопходни на државите од Заливот за одбрана од ирански напади, но во исто време се клучни и за одбраната на Украина од руските проектили. Државниот секретар Марко Рубио изјави дека иако испораките за Украина во моментов не се засегнати, американските залихи секогаш ќе бидат приоритет.





































































































