Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати апел процесот за избор на директор и заменик-директор на Македонската радио-телевизија (МРТ) да се спроведе низ транспарентна, инклузивна и кредибилна постапка. Од Здружението потенцираат дека примарниот фокус мора да биде ставен на квалитетот на кандидатите и заштитата на јавниот интерес.
Со оглед на тоа што законскиот рок за оваа постапка истече на 15 април, ЗНМ смета дека е од пресудна важност понатамошниот тек да се води во целосна согласност со законските одредби, со доследно почитување на институционалните процедури и принципите на правната сигурност.
ЗНМ апелира изборот на клучните раководни позиции да се заснова на следниве вредности:
Професионален интегритет и релевантно искуство на кандидатите.
Јасна визија и реален капацитет за унапредување на работата на јавниот сервис.
Целосно и недоследно почитување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, без селективен пристап или отстапки.
Од Здружението нагласуваат дека внимателно спроведениот изборен процес е суштински предуслов за справување со предизвиците на МРТ и за зајакнување на нејзината независност во служењето на граѓаните.
ЗНМ очекува новото раководство да преземе одговорен и стратешки пристап кој ќе вклучува јасни развојни приоритети, професионално управување и посветено зајакнување на дописничката мрежа.
„Само преку јасна определба за работа во јавен интерес може да се придонесе кон зајакнување на професионалните стандарди и капацитетот на МРТ“, се вели во соопштението.
Од Здружението додаваат дека остануваат конструктивен партнер кој будно ќе го следи овој процес, поддржувајќи ги сите напори што водат кон изградба на силен и професионален јавен радиодифузен сервис.





