Деновиве македонската култура се претстави со свој павиљон и впечатлив уметнички настап на еден од најголемите културни настани во регионот, „Мјуз-Екс Експо фестивал“ (Muse-X Expo Festival), што се одржува во Тирана, Албанија. На отворањето на овој значаен настан се обрати државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, која ја потенцираше клучната важност на културната соработка и поврзувањето меѓу земјите преку обединување на уметниците и организациите од Европа и регионот, пренесуваат од Министерството за култура и туризам.
„Културата не е само наследство што го чуваме, туку жива сила што нè поврзува и нè движи напред – токму преку ваквите средби создаваме нови вредности, нови партнерства и заедничка иднина“, истакна Ѓоргова во своето обраќање. Таа додаде дека учеството на овој фестивал е извонредна можност за промоција на богатото културно наследство и современата уметничка сцена, како и за отворање нови перспективи за соработка во креативните индустрии.
Во рамките на експо фестивалот, Ѓоргова го посети македонскиот павиљон каде своја презентација имаа голем број уметници, претставници на фестивали и музички продукции, како и филмски работници, занаетчии и туристички оператори. Овој простор послужи како платформа за директна промоција на македонскиот културен сектор пред меѓународната публика и професионалците од областа.
Фестивалскиот дел започна со впечатлив 40-минутен сценско-визуелен перформанс на истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и Камерниот оркестар „Профундис“, кои настапија во соработка со оркестарот на Албанската радио-телевизија. Овој уникатен проект понуди современ аудиовизуелен концепт што ги спојува класичната музика, електронските елементи и визуелната уметност, поставувајќи ги македонските уметници рамо до рамо со познати интернационални имиња.
Поради значајното учество и придонесот во развојот на меѓународната соработка, организаторите на фестивалот им доделија специјално признание на Министерството за култура и туризам и на Македонскиот културен центар во Тирана. Оваа награда доаѓа како потврда за успешното претставување и заложбите за поголема видливост на домашната уметничка сцена на регионално и европско ниво.
Присуството на овој престижен настан е реализирано со поддршка на Министерството за култура и туризам. Според надлежните, ова претставува важен чекор за меѓународна промоција на македонската култура и отворање на нови можности за соработка меѓу домашните уметници и нивните колеги од поширокиот европски простор.

