Министерството за внатрешни работи информира дека по денешните извршени проверки е утврдено дека заканите за поставени експлозивни направи во два трговски центри во Скопје биле лажни. Електронската порака со заканата пристигнала директно на адресата на Министерството во текот на денешниот ден.
Заканата се однесувала на трговските центри „East Gate“ и „Diamond“ во Скопје. Веднаш по добивањето на пораката, на терен биле испратени полициски екипи кои спровеле детални проверки во внатрешноста на објектите, како и во нивната непосредна околина.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници во внатрешноста и околу објектите, при што е утврдено дека станува збор за лажни дојави за бомби“, соопштија од Секторот за односи со јавност и протокол на МВР.
