Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека политиките на Владата за справување со енергетската и ценовната криза добија меѓународна потврда од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Според него, најновите податоци покажуваат дека земјата е во самиот врв на Европа по обемот на интервенции за заштита на стандардот на граѓаните во однос на бруто-домашниот производ (БДП).
„Според последните анализи на европско ниво, според ММФ, во Европа сме меѓу првите три држави кои промениле најмногу работи и примениле највеќе мерки за справување со ценовните шокови“, изјави Мицкоски. Тој појасни дека податоците објавени на 15-ти април јасно го демантираат тврдењето на опозицијата дека мерките се недоволни или дека власта доцни со нивната имплементација.
Премиерот најави дека благодарение на владините интервенции кај ДДВ-то и акцизата, како и договорите со енергетските компании, Македонија во моментов има убедливо најниски цени на нафтените деривати во споредба со соседите. Тој најави и дополнително олеснување за граѓаните кое се очекува веќе од утре.
„Согласно нашите пресметки очекуваме Регулаторна комисија за енергетика утре да донесе одлука со која ќе се изврши дополнително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за околу 1,5 денар по литар“, истакна Мицкоски. Тој додаде дека до крајот на април останува на сила и договорениот попуст со ОКТА од 2 денари за бензините и 3 денари за дизелот.
Мицкоски упати остри критики кон претходната власт на СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги за ширење невистини во однос на справувањето со инфлацијата и енергетската криза. Тој потенцираше дека сегашната стапка на инфлација е значително пониска од онаа во 2022 година, кога, според него, земјата се соочувала со двоцифрени бројки.
„Лажеа за мигранти, лажеа дека ќе сме банкротирале, лажеа дека ќе нема за пензии, уште што ли се не излажаа, па така излажаа и за мерките коишто ги применивме. Во 2022 година инфлацијата беше со двоцифрен број проценти на месечно ниво, сега е 4,9“, посочи премиерот, нагласувајќи дека владата подготвено ги пречекува геополитичките поместувања кои влијаат на светските пазари.
На крајот од своето обраќање, премиерот подвлече дека овие чекори не се само краткорочно гасење пожари, туку дел од „холистички пристап“ за стабилизирање на домашната економија. Тој вети дека власта ќе продолжи будно да ги следи берзанските движења и соодветно да реагира за да ја амортизира секоја идна нестабилност.
„Нашиот пристап останува ист – без еуфорија, но со јасна стратегија, со факти и со резултати. Нашата обврска е една – да обезбедиме стабилност, сигурност и подобар живот за граѓаните“, заклучи Мицкоски.

