Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во поткаст интервју „Риштази“ на Кога најави дека следната недела СДСМ ќе го промовира новиот предлог-закон за борба против корупцијата, кој ќе се темели на дигитализација и европски принципи, по примерот на Естонија.
„Мора да се направат реформи во системот пред сѐ правосуден, поради тоа што граѓаните тоа го бараат. Тие реформи не можат да се направат без пристапните преговори со Европската Унија“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека актуелната власт нема интерес да воспостави функционален правен систем и дека токму затоа изостануваат суштинските реформи.
„Поради тоа што на оваа власт ѝ одговара да нема контрола. Гледајте колку коруптивни тендери и постапки објавуваме во изминатиот период. Како реагираат правосудните органи? Како реагираше Обвинителството?“, рече Филипче.
Филипче најави дека СДСМ веќе подготвува конкретно законско решение кое ќе биде претставено на јавноста следната недела.
„Ќе најавам, нашиот концепт за борба против корупцијата, кој што ќе го промовирам следната недела, на почетокот, понеделник или вторник, ќе имам брифинг во партиските простории, на кој што ќе го промовирам нашиот предлог-закон за борба против корупција“, порача Филипче.
Тој откри дека законот ќе биде инспириран од естонскиот модел, кој се смета за еден од најефикасните во Европа.
„Тоа ќе биде првиот закон што јас ќе го потпишам како премиер после следните избори, а се базира на естонскиот закон против корупција, кој што се темели на дигитализација. Естонија е сега 12-та во борба против корупција. Беше во корупција додека не се реформираше по европскиот пат“, додаде Филипче.






