Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска соопшти дека привремено ги исклучува коментарите на своите официјални профили на социјалните мрежи. Оваа одлука, како што се наведува во соопштението, е почеток на отворена борба против она што тие го нарекуваат „фабрика за лаги“ на ВМРО-ОКГ.
Во соопштението СДСМ тврди дека против нив се користи „Орбанова медиумска мрежа“, која, според партијата, контролира 40% од медиумскиот простор во Македонија. Партијата наведува дека против оваа мрежа, во која ги споменува Петер Шац и Агнеш Адамик, веќе се започнати истражни дејствија од страна на унгарската полиција. Дополнително, од СДСМ велат дека наскоро се очекува вклучување и на Европското јавно обвинителство во овие истраги. СДСМ упатува обвинувања и за користење на трол-фарми и платформи на сестринската партија СНС и српскиот претседател Вучиќ.
Партијата ја карактеризира оваа состојба како употреба на „Гебелсова (фашистичка) метода“, каде што повторената лага се претвора во „вистина“, што ги оневозможува граѓаните да ја разликуваат лагата од вистината. „Европа повеќе не може да трпи ваква системска манипулација, а особено не може да трпат Македонија и нејзините граѓани“, се нагласува во партиското соопштение.
Како дел од оваа борба за вистината, СДСМ најавува поднесување кривична пријава против директорите, уредниците и сопствениците на Алфа ТВ. Ова, како што посочуваат од партијата, ќе биде втора кривична пријава против нив, по првата која беше за перење пари.
Од СДСМ порачуваат дека наскоро граѓаните ќе го видат овој „криминално-медиумски октопод во вистинско светло“ и најавуваат време на вистина, правда и одговорност.







