Британската поп-ѕвезда Dua Lipa поднесе тужба против Samsung Electronics во вредност од најмалку 15 милиони долари, обвинувајќи ја компанијата дека без дозвола ја користела нејзината фотографија за промоција и продажба на телевизори во САД.
Според документите доставени до федералниот суд во Калифорнија, Samsung наводно поставил фотографија од пејачката на пакувањата на телевизорите, со што кај потрошувачите се создавал впечаток дека Dua Lipa официјално ги поддржува производите на компанијата.
Во тужбата се наведува дека фотографијата, насловена „Dua Lipa – Backstage at Austin City Limits, 2024“, е во сопственост на пејачката и дека таа никогаш не дала согласност за нејзина употреба во маркетинг кампања. Освен за прекршување на авторски права, Samsung се соочува и со обвиненија за злоупотреба на лик и нарушување на правата за јавно претставување.
Адвокатите на Dua Lipa приложиле и објави од социјалните мрежи како доказ дека нејзиниот лик влијаел врз купувачите. Во една од реакциите, корисник напишал дека би го купил телевизорот „само затоа што Dua е на кутијата“.
Пејачката тврди дека уште минатата година испратила барање Samsung да престане со користење на фотографијата, но компанијата наводно продолжила со продажбата на производите. Од Samsung засега одбиваат да го коментираат случајот, повикувајќи се на тековна судска постапка.
ЕДИТ: Реакција на Samsung, за обвинувањата од Дуа Липа
„Фотографијата од г-ѓа Липа беше употребена во 2025 година за да ја претстави содржината од трета страна (наш партнер), која е достапна на “Samsung“ телевизорите. Истата е оригинално овозможена од партнер за содржини наменети за нашата бесплатна стриминг услуга Samsung TV Plus. Фотографијата беше употребена исклучиво откако добивме експлицитно уверување од партнерот за содржини дека е обезбедена дозвола за употреба на истата, вклучително и на продажните кутии на телевизорите. Имајќи го предвид ова уверување, најостро ги отфрламе сите обвиненија за интенционална злоупотреба“, се наведува во реакцијата на Samsung, испратена до Фронтлајн од ПР агенцијата што го застапува Samsung.
Оттаму наведуваат дека „Samsung“ има огромна почит кон артистот Липа и интелектуалната сопственост на сите изведувачи“.
„Активно бараме соодветно решение со тимот на г-ѓа Липа и остануваме отворени за конструктивно решавање на настаната ситуација“, истакнуваат од Samsung.
Ј. Ѓ.







