На денешната прес-конференција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја критикуваше дипломатијата на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги Христијан Мицкоски и Тимчо Муцунски за криење на вистината и лажење на граѓаните во врска со европскиот пат на земјата.
Филипче тврди дека по средбата со Бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова – Чамова, Муцунски и Мицкоски ја сокриле нејзината порака од јавноста. Тој ја цитираше пораката на Велислава Петрова – Чамова, за која тврди дека е сокриена: „Бугарија има јасно изразен став кој од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање меѓу Европската Унија и земја кандидат…“. Според Филипче, ова е потврда дека уставните измени се европско прашање и услов од ЕУ, а не само билатерално со Бугарија.
Филипче се повика и на вчерашните пораки на Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, и на Марта Кос, кои, како што рече, исто така упатиле пораки за поддршка, но и очекувања за реформи и проширување врз основа на успехот на земјите кандидати.
Во својот говор, Филипче ги обвини Мицкоски и неговата партија за блокирање на европскиот пат со цел заштита на криминална група и продолжување со грабежот на државата. Тој се запраша колку уште лаги, спинувања и лажни вести од страна на ВМРО и нивните медиуми се потребни пред вистината целосно да излезе на виделина. Дополнително, Филипче посочи на, како што рече, „разобличување“ на нивна лага, наведувајќи дека луѓе кои биле против НАТО и Преспанскиот договор сега, како Муцунски, ја фалат позитивната стратешка одлука за НАТО членството на европски медиуми.
Филипче остро ги нападна Мицкоски и неговата партија, нарекувајќи ги „најголеми предавници на иднината“, обвинувајќи ги за лаги, вклучително и во однос на малцинствата. Тој потенцираше дека признавањето и потврдувањето на македонскиот идентитет и јазик во рамките на ЕУ е вистински патриотизам. Според него, уставните измени не го загрозуваат, туку го јакнат македонскиот идентитет и се основен предуслов за поместување од мртвата точка и продолжување на преговорите со Европската Унија.
На крајот на своето излагање, Филипче истакна дека без уставните измени нема продолжување на преговорите со Европската Унија. Тој порача дека правдата ќе победи и дека патот напред за државата и граѓаните е преку реформи, правда и Европа.






