„Авалон продукција“ ги објави сите детали за влезниците за големиот настан „David Guetta – The Monolith Show“, кој ќе се одржи на 8 септември на Националната арена „Тодор Проески“ по повод 35-годишнината од независноста на државата.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба овој петок (15 мај) и ќе бидат достапни исклучиво преку платформата avalonbooking.mk.
Симболично, по повод големиот државен јубилеј, цената на сите влезници ќе изнесува точно 35 денари. Од продукцијата потенцираат дека ова е навистина единствениот трошок за набавување на билетите за овој настан.
Во продажба ќе бидат пуштени влезници за стоење и за седење на трибините. Од „Авалон“ информираат дека трибините се нумерирани, па при купувањето посетителите ќе треба да одберат конкретно седиште, додека партерот за стоење не е нумериран.
Со оглед на тоа што капацитетот на стадионот е ограничен, организаторите апелираат до граѓаните да бидат брзи в петок за да го обезбедат своето место на овој ексклузивен настан.
Владата најави амбициозна културна и уметничка програма за одбележување на 35-годишнината од независноста на државата. На вчерашната прес-конференција на портпаролката на владата Марија Митева и Бобан Милошевски од Авалон продукција, беше истакнато дека овој историски јубилеј обврзува приказната за државата да се раскаже со достоинство и визија, преку современиот национален израз.
Според Митева, на овој голем државен јубилеј му е потребен репрезентативен и долгорочно значаен проект.
„Проект кој за нас и за целата држава нема да биде само настан, туку национална културна манифестација од највисок ранг, со амбиција да остави трајна вредност и силна трага во културната историја на Македонија. Целта е ова одбележување да има државничка тежина, современ културен и продукциски пристап, но и меѓународна препознатливост“, изјави Митева, додавајќи дека концептот треба да ја покаже културната самодоверба пред домашната и меѓународната јавност.
Посебен акцент во владиниот план е ставен на децентрализацијата. Прославата нема да биде концентрирана само на едно место или преку еден настан. Идејата е културата да стигне до сите граѓани, во повеќе градови низ државата, преку различни форми и уметнички изрази.






