Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение упати остри критики до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагирајќи на неговата изјава дека владејачката партија е „промакедонска“. Од опозицијата обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се нарече вистинска македонска партија поради фактот што голем број нивни функционери поседуваат патни исправи од соседна Бугарија.
„Не може да бидат македонска партија кога половина од нив имаат бугарски пасоши. Пола Влада, министри, пратеници, директори, градоначалници, семејството на Мицкоски, семејството на Латас – уредникот на Орбановите медиуми… сите со црвени пасоши на ЕУ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Според опозициската партија, токму поседувањето на овие пасоши е вистинската причина поради која владејачкото мнозинство има проблем со внесувањето на малцинствата во Уставот, со што, како што велат, свесно ја блокираат Европа и продолжувањето на преговарачкиот процес.
СДСМ преку иронична порака ги повика своите политички опоненти да ги усвојат уставните измени: „Внесете ги малцинствата во Уставот – знаеме дека не мислите на другите, барем мислете на себе“.
Партијата предводена од Венко Филипче го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека воопшто не го брани македонскиот идентитет, туку го користи единствено како „штит за да ја заштити криминалната империја и да продолжи со пљачката“.
Од СДСМ децидно порачуваат дека епитетот „македонска“ може да го носи само онаа партија која се бори Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија, а не државата да се претвори во „изолирана провинција на Орбан и Путин“.
Соопштението заклучува со барање за итни чекори: „Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега. Нема враќање назад“.







