Министерството за култура и туризам попладнево информираше дека се целосно исплатени средствата наменети за самостојните уметници за 2026 година. Според официјалното соопштение, парите ќе бидат достапни на нивните трансакциски сметки во текот на утрешниот ден.
Од ресорното министерство го образложија и доцнењето на исплатата, посочувајќи дека тоа се должи на административни и законски процедури.
„Доцнењето настана поради дополнителни усогласувања и проверки во постапката на пресметка и координација со надлежните институции, со цел исплатата да биде реализирана во согласност со важечките законски и финансиски прописи“, појаснуваат од Министерството за култура и туризам.
Оттаму уверуваат дека институцијата останува посветена на навремено и континуирано исполнување на обврските кон самостојните уметници. Воедно, најавуваат и работа на унапредување на системските решенија со цел да се надминат ваквите ситуации на доцнење во иднина.







