ВЛЕН соопшти дека преку Министерството за економија и труд е објавена финансиска поддршка од вкупно 18,3 милиони денари наменета за малите бизниси, домашните претприемачи, занаетчиите и преработувачката индустрија. Овие мерки, како што велат од коалицијата, имаат за цел директно да помогнат во економскиот развој и зголемувањето на конкурентноста.
Клучна компонента, според соопштението на ВЛЕН, е јавниот повик со 11,34 милиони денари за микро, мали и средни претпријатија и занаетчии. Од партијата информираат дека преку овој повик ќе се кофинансираат до 40 проценти од трошоците за нови машини и алати, односно до 200 илјади денари по апликант.
Покрај ова, како што посочуваат од ВЛЕН, обезбедени се и 2 милиони денари за поддршка на сертификација на стандарди во преработувачката индустрија (со поддршка до 70 проценти од трошоците). Исто така, од коалицијата додаваат дека се издвоени 5 милиони денари за заеднички проекти меѓу компаниите и универзитетите, со финансирање до 500 илјади денари по проект.
Од ВЛЕН оценуваат дека овие мерки се во согласност со нивната програма за зајакнување на претприемништвото, семејните бизниси, иновациите и производствената економија. Според нивните тврдења, инвестирањето во модернизација, стандарди и соработка меѓу бизнисот и академијата создава посилна основа за одржлив економски развој и нови работни места.
На крајот од соопштението, ВЛЕН ја нагласува својата посветеност на политики кои, како што велат, ја намалуваат бирократијата, ги поддржуваат претприемачите и создаваат поповолни услови за бизнисите, занаетчиите, младите и жените претприемачи.













































































































