Премиерот Христијан Мицкоски, денеска се обрати на свеченоста по повод десетгодишниот јубилеј од работењето на германската компанија „Костал“ во Охрид. Тој ја оцени инвестицијата како исклучително значајна за македонската економија и како еден од клучните придонесувачи во домашниот бруто-производ (БДП).
Во своето обраќање, како што пренесуваат од Владата, премиерот ги истакна економските резултати на компанијата, посочувајќи дека во последните пет години приходите на „Костал“ забележале раст од 80 милиони евра на очекувани 280 милиони евра за оваа година. Според Мицкоски, фактот што компанијата е меѓу првите пет извозници во државата претставува голем успех.
„Повеќе од 200 милиони евра инвестиции ја прават ‘Костал’ најголема германска инвестиција кај нас во делот на автомобилската индустрија, што е сам по себе импресивен резултат“, изјави премиерот, нагласувајќи дека во производните капацитети во Охрид во моментов работат повеќе од 1.300 вработени.
Мицкоски истакна дека успехот на компанијата е директно поврзан со успехот на државата. Тој изрази амбициозни очекувања за иднината, посочувајќи дека заедничка цел треба да биде достигнување на 500 милиони евра приходи, повеќе од 2.000 вработени и половина милијарда евра инвестиции во годините што следат.
„Партнерството е двонасочна улица, треба да се надополнуваме и да се помагаме затоа што само на тој начин и вие ќе бидете поуспешни, и македонската економија ќе биде поуспешна, а македонските граѓани позадоволни“, порача претседателот на Владата, нудејќи ја институционалната поддршка за понатамошниот развој на компанијата.
На крајот од своето обраќање, Мицкоски упати честитки до менаџментот и вработените во „Костал“, посакувајќи уште многу вакви инвестиции и долгогодишна успешна соработка во иднина.










































































































