Буџетот е пред колапс, нема пари за поголеми плати, пензии, нема за мерки, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, посочувајќи дека Владата не успеа да обезбеди подобар животен стандард за граѓаните, а состојбата во економијата е сериозно влошена.
„Со Мицковски на власт се случува економска катастрофа. Нема пари за поголеми плати и пензии, нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра. Нема пари за земјоделците. Не само што нема зголемување на субвенциите, има намалување, а замислете, дел од земјоделците треба да вратат исплатени субвенции за 2024 година“, обвини Филипче.
Тој потенцираше дека граѓаните не добиваат соодветна заштита во услови на растечки трошоци за живот.
„Нема никакви мерки да се заштитат граѓаните во услови на криза. Синдикалната кошничка достигнува речиси 69.000 денари. Ниту три минимални плати практично не се доволни да се покрие оваа кошничка, а Владата ги крати продуктите коишто влегуваат во кошничката. Замислете каква манипулација. Околу 160.000 работници земаат плата до 30.000 денари и тоа едноставно не е доволно да се надмине прагот на сиромаштијата во просечното македонско работничко семејство“, посочи претседателот на СДСМ.
Тој нагласи дека сиромаштијата, инфлацијата и растот на цените дополнително ја влошуваат економската состојба.
„Сиромаштијата расте. Стапката достигна 27,9% во првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Инфлацијата достигна 5,7%, додека во еврозоната е околу 3%. Новите поскапувања на горивата доведоа сè друго да поскапи. Мерки не се воведоа навремено. Едноставно нема еден сегмент во економијата којшто е добар. Буџетот е пред колапс, нема пари за ништо. Едноставно, Владата е фокусирана да најде нови извори за задолжување. Јавниот долг е зголемен за само две години, генериран е нов долг од 2,5 милијарди евра, пари коишто ќе ги враќаат којзнае колку следни генерации“, потенцираше Филипче.





































































































