Јубилејното 25. издание на музичкиот фестивал ОФФест продолжува да ја претставува силната и ангажирана уметничка сцена на африканскиот континент. На 5 јуни, во Националната опера и балет со почеток во 22:00 часот, македонската публика ќе има прилика да ја проследи креативната сила на меѓународниот женски колектив „Les Amazones d’Afrique“.
На сцената во Скопје, групата ќе се претстави во состав: Мамани Кеита (вокал), Фафа Руфино (вокал), Алви Битемо (вокал), Ксавиер Перне (тапани) и Мануел Шаване (клавијатури). Оваа креативна сила е формирана во Бамако, Мали, во 2014 година од страна на три познати малиски музички ѕвезди и активистки за општествени промени: Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Мириам Думбиа (од претходно познатото дуо Amadou and Mariam). Колективот се соедини околу заедничка музичка визија, но и со јасна, директна цел: залагање за родова еднаквост и насочување на глобалното внимание кон сериозниот проблем на насилството врз жените.
Инспирацијата за името на групата доаѓа од Амазонките од Дахомеј – женските воини кои во период од 200 години го штителе кралството Дахомеј (на територијата на денешен Бенин). Низ годините, овој колектив се прошири и вклучи многу значајни женски уметници од Африка и нејзината дијаспора, меѓу кои и големите имиња како Анжелик Киджо, Нека и Рокиа Коне.
Иако нивната социјална мисија за искоренување на традиционалното насилство е примарна, нивниот музички израз е подеднакво моќен. Богат со мелодии и стилски разновиден, звукот на „Les Amazones d’Afrique“ на суптилен начин ги спојува пан-африканските традиционални звуци и колективните вокални хармонии со суров, современ поп. Користејќи го своето творештво како форма на активна кампања, тие досега имаат настапувано на бројни големи фестивали и сцени ширум светот. Со три студиски албуми зад себе, нивната силна енергија и карактеристично сценско присуство денес ги вбројуваат меѓу најважните и највлијателните гласови на современиот западноафрикански феминизам.
Редакција Фронтлајн






