Од 1 август корисниците на централно греење во Скопје ќе плаќаат повисоки сметки, согласно новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за корекција на цените. Според пресметките, за просечен стан од 60 квадратни метри месечната сметка ќе се зголеми за околу 140 денари, односно од досегашните 2.353 ќе изнесува 2.493 денари.
Цената на топлинската енергија за домаќинствата кои се снабдуваат од главната мрежа на ЕСМ бележи просечно зголемување од 5,96 отсто. За корисниците приклучени на ЕСМ Енергетика (поранешно железарско парно) зголемувањето е 5,18 отсто, додека за потрошувачите на компанијата Енерџи Еколинк (поранешна топлана Скопје Север) цената е повисока за 3,6 отсто.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, информираше дека енергетските компании првично барале зголемување на цените кое се движело меѓу 30 и 130 отсто повикувајќи се на зголемените трошоци и пазарните услови, но регулаторот ги ограничил ваквите барања и одобрил значително пониски проценти. Од РКЕ посочуваат дека и со новите корекции, цената на парното греење во Скопје останува пониска во споредба со други градови во регионот како Белград, Љубљана, Софија и Сараево.
Како чекор кон идна оптимизација на ресурсите, Ристов најави процес на целосно спојување на сите компании на ЕСМ кои се занимаваат со топлинска енергија.
Официјалните податоци покажуваат дека мрежата за централно греење во главниот град продолжува да се шири. Во текот на последната грејна сезона биле приклучени нови 1.521 потрошувач, со што вкупниот број на домаќинства и субјекти кои користат вакво затоплување во Скопје достигна 67.494.
Паралелно со промените кај топлинската енергија, РКЕ донесе одлука и за зголемување на цените на нафтените деривати. Од 1 август бензините поскапуваат за 3 денари, додека цената на дизелот се зголемува за 4,54 денари.
Д. Е.






