Од СДСМ реагираат на претходните изјави на премиерот Христијан Мицкоски за заемот од јавните претпријатија, нагласувајќи дека поднесените кривични пријави за М-НАВ го демантираат тврдењето дека таквите позајмици се нормални.
Според партиското соопштение, со давањето позајмица од М-НАВ кон Јавното претпријатие за државни патишта средствата собрани од авиокомпаниите биле пренаменети надвор од рамките на ратификуваниот меѓународен договор, што претставува директно кршење на законот.
Од СДСМ наведуваат дека со ова е создаден вештачки одлив на средства во висина од 7 милиони евра, кој при редовна ревизија од Еуроконтрол ќе биде квалификуван како неприфатлив трошок.
„Како резултат, Еуроконтрол ќе изврши финансиска корекција на одобрената тарифа, а буџетот на М-НАВ ќе биде намален за износот на неправилно потрошените средства“, соопштуваат од опозициската партија, додавајќи дека ваквите дејствија ја потврдуваат неоснованоста на владините тврдења.







