Додека владејачката власт тврди дека државата е економски прва во Европа, уште една странска компанија најави повлекување од македонскиот пазар, соопштија од опозициската СДСМ.
Според партиските информации, германската компанија БМЗ донела одлука да го затвори својот производствен погон во општина Илинден и производството да го пресели во Полска, при што околу 90 работници остануваат без работа, а пропаѓаат и претходно најавените нови вработувања.
Од СДСМ истакнуваат дека ова е веќе трета странска компанија која за релативно краток период одлучува да ја напушти земјата, потсетувајќи на претходното заминување на „Аптив“ и „Дура“, како и на намалувањето на бројот на вработени кај најголемиот извозник „Џонсон Мети“.
„Ова е вистинската слика за економијата. Наместо нови инвестиции, со Мицкоски странските инвестиции паднаа за 60%, наместо нови имаме затворени фабрики, а македонските работници добиваат откази“, се наведува во соопштението на опозициската партија.






