Опозициската СДСМ продолжува да бара одговори од Владата во врска со кризата со водата за пиење во Гостивар. На денешната прес-конференција, Маја Борозан од СДСМ истакна дека партијата со денови јавно бара владата на Христијан Мицкоски да објави официјален документ, анализа или резултат кој потврдува дека водата е безбедна, прашувајќи зошто таков извештај упорно се крие од јавноста.
Борозан нагласи дека од почетокот на кризата со труењето во градот, каде според нивните податоци има над 5.000 заболени граѓани, ниту едно стручно лице не излегло да ги соопшти резултатите, ниту пак е објавен официјален документ. Според неа, граѓаните не видоа ниту една институција или одговорно лице што стои зад исправноста на водата. Таа посочи дека премиерот Мицкоски ја „пуштил“ водата за пиење додека бил на екскурзија, а министерот Панче Клековски сè уште не се огласил, иако самиот најавил дека првите резултати ќе ги има дури околу 20 август.
Таа го критикуваше фактот што, наместо здравствените власти, полициски функционери управуваат со информирањето за оваа криза. Борозан потсети дека прво министерот за внатрешни работи најавувал хиперхлорирање, додека директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, ја пуштил водата во употреба со здравица пред камерите, нарекувајќи ја „вкусна“. Ваквото однесување од опозицијата го оценија како тотална негрижа, срам и неодговорност.
На обвинувањата за ширење паника, од СДСМ возвратија дека единствено паника создава криењето на документите и неспособноста на Владата. Борозан порача дека доколку институциите работеле како што треба и на јавноста ѝ биле достапни стручните лица и извештаите, немало да има нервоза. Партијата повторно побара власта барем еднаш да биде одговорна и јавно да одговори која институција ја направила анализата, какви се резултатите и кој со свој потпис гарантира дека водата е безбедна за здравјето и животите на луѓето.







