– „Ти си срце“ испишаа вредните раце на Камелија и Панде на ѕид во населбата Автокоманда, покривајќи ја претходната порака, која повикуваше на омраза, меѓуетничка нетрпеливост и насилство, објавија на Фејсбук групата „Злосторство од омраза“.
На едната од фотографиите се гледа порака со говор на омраза испишана на ѕид од станбена зграда.
На другата гледаме мурал „Ти си срце“, што го покрил графитот со говорот на омраза
„Следејќи ја состојбата со злосторствата од омраза, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Хелсиншкиот комитет редовно предупредува дека во нашата земја најчести жртви и извршители на вакви дела се малолетници, а говорот на омраза е појава која директно придонесува за растечкиот тренд на насилство кај младата популација. Тоа е главен показател зошто ширењето омраза, на кој било начин, мора да се санкционира и спречува. Затоа, меѓу другите активности на ова поле, Комитетот организира и теренски акции за отстранување на вакви содржини
И вие можете да пријавите пораки на омраза испишани на јавен простор. Фотографирајте, наведете ja точната локација и пратете ни порака на оваа ФБ страна или на [email protected]“, стои во текстот од иницијативата.
На Фејсбук групата може да се забележат и други акции, на повеќе локации што до сега се преземени за покривање на пораки со говор на омраза.
Ј. Ѓ.