Хрватската влада денеска прогласи состојба на катастрофа во две жупании кои се најтешко погодени во земјотресот.
„Ние прогласуваме катастрофа денеска. Добивме информации од терен и низ системот за цивилна заштита за размерите на штетите и последиците на нормалното функционирање во животот. Уверени сме дека новата структура ќе помогне и на претставниците на подрачната и локалната самоуправа и координација“, рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
„Овој потрес предизвика огромна штета. Денес ќе објавиме во јавност што се е досега преземено. Повредени се 24 лица, 18 се на болничко лекување, 6 се отпуштени. Повредени се 4 пожарникари“, соопшти Пленковиќ.
Тој повика на внимателност, бидејќи тлото и понатаму се тресе.
„Тоа не значи дека треба да бидеме во страв, но мораме да бидеме внимателни“, рече Пленковиќ.
„Градоначалникот на Петриња знае дека сме со него и ќе бидеме со него“, порача хрватскиот премиер.




