Бугарската телевизија Нова објави дека во земјата „на црно“ се продава крвна плазма од оздравени пациенти од Ковид-19. Цената на крвната плазна е над 2.500 евра.
Новинарите на телевизијата Нова, претставувајќи се како заинтересирани купувачи, се сретнале со посредниците во кругот на една софиска болница. Посредниците тврделе дека крвната плазма е од човек кој оздравел од Ковид-19 пред два месеца и оти за тоа ќе достават и ПЦР тест.
По прилогот на телевизијата Нова Софиското обвинителство покрена истрага.
– Трансфузијата на крвна плазма не е универзален лек и ако не е по препорака на лекар туку самоиницијативно, би можела да биде штетна. Терапијата со крвна плазма не е потврдена и се заснова само на прелиминарни студии. Важно е луѓето да го знаат ова, истакна бугарската експертка за медицинско право Марија Петрова.
Таа додаде дека продажбата на крвна плазма е кривично дело.