„Сплетот на околностите не тера пописот да го спроведеме во планираниот период. Ние имаме во октомври локални избори, а попис и избори се неспоиви. На дневна основа ја следиме здравствената криза, ние спроведуваме во моментов анкети со 5 000 домаќинства, тоа е голем контингент, и немаме никаков проблем на терен. Сите попишувачи ги преземаат мерките за заштита, исто како и семејствата кои ги посетуваме. Пописот е во април, не е во зимски услови кога сме постојано затворени дома. За очекување е дека до април бранот со вирусот ќе се намали. Имавме пик со 1 000 новозаразени на ден, но сега не е така. Повторувам, попишувачите немаат задача да се штитат само себе, туку и граѓаните. Со оглед дека ќе биде пролет ќе попишуваме и во двор, на отворен простор, секаде каде што има услови за тоа. Во овој момент, како што се движат работите, може да се организира попис. Поволни термини за попис се април или октомври кога населението е најмалку мобилно. Во нашиот случај тоа е април“- изјави директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, во вестите на Сител.
Дополни дека пописот е едно од 260-те истражувања кои заводот ги прави секоја година и затоа оваа институција не е привилегирана во врска со пописот, туку има сериозна обврска и одговорност.
“Статистичарите прават попис секаде, а не партиски комисии како во 2011 година”
„Во 2002 година и во 2011 година се направи исклучок, пописот да го спроведе државна комисија со членови од партиите и се се политизираше, особено со неуспешниот попис. Наместо ние, како тело задолжено за статистички операции, политиката и партиите сакаа да се наметнат како организатори и спроведувачи на статистичка операција што не е во ред. Секаде праксата е иста, дека професионалци спроведуваат попис, тоа е наша работа. И секогаш пописите биле работа на заводот.“- изјави Апостол Симовски, директорот на Заводот за статистика, во вестите на Сител.
Во врска со тоа дека клучните документи на заводот мора да се потпишани од директорот, но и од заменикот директор, Симовски објасни дека тоа се документи кои се подготвуваат од стручните служби, а нивните потписи се само формалност дека документот ги поминал сите фази според пропишаните процедури.
„Документите не ги подготвувам ниту јас, ниту заменикот директор, тоа е цел процес, се знае кој ги подготвува, кој ги изработува, кој ги проверува, но сите тие се дел од стручните служби. Врзаниот потпис на директорот и заменикот е само крајна потврда дека документот ги поминал сите фази во најдобар ред и нашите потписи се формалност на крај. Ова е само за да се разбие впечатокот дека директорот не застапува нечии ставови, дека директорот не е самостоен орган, па одлучува како сака“- изјави Симовски.