пишува: МИЛОШ БАБИЌ, интердисциплинарен научник
Дискусијата за вакцинирање против КОВИД-19 уште еднаш ги изнесе на виделина сите стари приказни околу вакцините воопшто. Веќе има многу текстови кои ги анализираат новите вакцини, зборуваат за RNK вакцини итн. Но, што е со сите оние стари тврдења? Кои се реалните ризици, кои се предностите, како изгледа кога се гледа целата слика? Ова е тема што вреди да се обработи, бидејќи прашањата врзани за вакцинацијата ќе останат кај нас дури и кога конечно ќе се ослободиме од пандемијата.
Јапонскиот експеримент
Можеби најважната единечна вакцина што се користи е таканаречената ММR – која истовремено штити од сипаници, заушки и рубеола. Се дава на деца, обично на возраст од една до шест години, речиси насекаде во светот. Но, не во Јапонија. Ако одите таму, ќе добиете двојно поскапа и двојно поболна. Две игли, две вакцини, М и МR, истовремено. И сето тоа од една многу, многу интересна причина.
Имено, на крајот на 1993 година се појави голема вознемиреност кај родителите во Јапонија: беше забележано дека децата кои примија локално произведена серија ММR вакцини, имаат значително поголем број на случаи на менингитис отколку што се очекуваше. Од неколку стотици илјади вакцинирани деца, три починаа, а осум останаа со тешки доживотни последици; неприфатливо високи несакани ефекти, многу поголеми од кога било забележано за ММR во други земји во светот. Како одговор на големите протести во јавноста, јапонската држава го укина ММR како задолжителна вакцина; а родителите веднаш престанаа да им ги даваат на децата. Нивото на вакцинација падна од речиси 100% до скоро на нула.
Во првите две години, сè одеше како што треба. Децаата од претходните генерации биле вакцинирани, а вирусот не можел ефикасно да се шири. Но, со оглед на тоа што невакцинираната популација полека растеше со текот на годините, почнаа да се појавуваат епидемии на сипаници. Прво стотици, па илјадници, а потоа десетици илјади заразени лица. Потоа, во 2001 година се појави огромна епидемија, со над 265.000 заразени. Сипаниците се сериозна болест: иако повеќето деца имаат само непријатен осип и треска, приближно едно дете на секои 50-100 добива некои од потешките форми на болеста, кои можат да бидат фатални или да предизвикаат инвалидитет.
Вкупно, во периодот помеѓу 1994 и 2006 година сипаниците убија над 2.000 деца во Јапонија, оставајќи над 4.000 со тешки доживотни последици (најчесто тоа беше глувост и оштетување на мозокот).
И тогаш сè застанало одеднаш – затоа што некој генијалец во јапонската влада се сетил како да го реши проблемот. Родителите сè уште не сакаа ММR, бидејќи „сите знаеја“ дека е опасно. Затоа, едноставно беа произведени две специјални вакцини, М и МR. Многу прагматично решение, М + МR е очигледно сосема поинаква работа од ММR. И тоа го реши проблемот. Луѓето се смирија, вакцинацијата започна повторно. За една година, епидемиите престанаа, а смртта меѓу децата падна од неколку стотици годишно на нула.
Ова е многу илустративен случај, бидејќи покажува неколку различни работи. Како прво, која е цената на стравот и паниката. Вакцината во која загинаа три деца во 1993 година беше навистина неприфатливо лоша; но одбивањето на вакцината генерално, чинеше две илјади животи на децата во текот на следните години. Иако е најдобро да имате добра вакцина, дури и лошата е неспоредливо подобра отколку кога воопшто нема вакцина!
Но, да ги оставиме настрана директните последици, што е со индиректните?
Јапонија е високо регулирана земја и има детални епидемиолошки податоци од тој период. Пред да прочитате понатаму, застанете и размислете – што мислите што се случи со здравјето во Јапонија во текот на 12-те години кога ММR, таа страшна вакцина, беше повлечена од употреба?
Податоците се многу јасни. Во текот на тие 12 години, бројот на случаи со аутизам се удвои. Автоимуни болести? Тие продолжија да растат, како и насекаде во светот. Други оштетувања кај децата? Исти или поголеми како што беа. Буквално ништо не се подобри без вакцината, ништо не беше подобро од порано. Единственото нешто што беше постигнато со падот на вакцинацијата беше загуба на илјадници животи на деца.
Но, Јапонија е далеку и тоа се случи пред неколку децении. Погледнете денес, во нашиот регион. Погледнете колку луѓе нема да се вакцинираат себеси или своите деца. Пребројте ги. И потоа појдете кај дефектолог и прашајте го: дали денес има помалку аутизам, помалку психолошки и невролошки проблеми, или ги има повеќе? Поминете кај ревматолог, прашајте дали има повеќе или помалку автоимуни заболувања? Ќе се уверите сами.
Имаме само помалку вакцини, а помалку… ништо друго. Ништо не е намалено.
Што имаме? Па, имаше еден смртен случај од сипаници во Србија во 1997 година. Нула смртни случаи во текот на следните 20 години. Но, тогаш анти-ваксерите (движењето против вакцинацијата) расипа се – падна колективниот имунитет и ја добивме епидемијата во 2017 година, со стотици луѓе кои имаа тешка форма на болеста и петнаесет мртви. Што ни треба повеќе од ова?
„Big Pharma“, алчност и приказните за заработувачка
„Треба да видиш каков вид на супер органски зеленчук имаат“, ми рече еден колега за новата природна фарма што отвори тезга на локалниот пазар („пазар на земјоделци“ овде во Америка). „Тие имаат толку добар и природен лук, може да го почувствуваш на десетина метри од тезгата. Отидов таму и навистина, на десетина метри оддалеченост, можев да почувствувам малатион, опасен и отровен пестицид кој мириса на лук. Кога конечно неколку месеци подоцна ја затворија тезгата, многу луѓе се пожалија дека исчезнал толку добар извор на „природна“ храна.
Во приказните за вакцините, постојано се споменува дека тие ги прават „фармацевтски корпорации“ и дека „нивниот единствен мотив е заработка“. И тоа е вистина. Исто како што еден земјоделец на пазарот не е мотивиран да ве нахрани, туку да го продаде она што го одгледувал. Не е мотивиран фризерот да имате убава фризура, ниту стоматолог да имате здрави заби: туку тие нивниот мотив е тие да заработат плата, што ја постигнуваат со сечење на косата или поправање на забите. Профитот е сеприсутен мотиватор; и тоа е исто толку неизбежно, колку што е и опасно.
Во идеална ситуација, ќе добиете здрава храна на пазарот, добра фризура од фризер и добра поправка на забите од стоматолог. И од фармацевтски корпорации, добар лек. Но, на тоа не може да се смета. Секој што има профит има и мотивација да го зголеми тој профит. И повремено, некој ќе подлегне на тоа искушение. Поради тоа, никој повеќе не верува во збор, туку тоа се проверува. Фризерите имаат санитарни прегледи, технолозите го испитуваат квалитетот на храната и присуството на пестициди пред производот да стигне до продавниците, стоматолозите треба да имаат лиценца, а лекарставата од фармацевтските компании се на увид од големи државни институции за јавно здравје.
Што мислите, зошто „Big Pfarma троши толку милијарди долари на студии и тестови? Ако не мораа, само ќе кажеа дека сè е проверено, и ќе „удреа“ со рекламите. Тие воопшто не би собирале такви макотрпни податоци. Во моментов, девет од десет лекови кои одат во развој пропаѓаат; тие не се доволно добри или имаат премногу несакани ефекти. Никогаш не влегуваат на пазарот, честопати и откако стотици милиони или милијарди долари се потрошени на нивни развој. На секои неколку децении, некој лек се провлекува за време на развојот, но потоа се повлекува откако ќе се појави на пазарот. Во некои случаи, ова значи дека десетици милијарди долари „испаруваат“ преку ноќ (на пр. Виокс, лек против артритис кој е повлечен затоа што предизвикува срцев удар).
Сето ова се случува затоа што работата на овие корпорации е надгледувана од јавните здравствени установи, на кои исто така ова им е директен профитен интерес. Јавните здравствени системи треба да плаќаат за тие лекови, а пред да издвојат пари, тие треба да одлучат дали лекот вреди за парите. Овие одлуки ги донесуваат луѓе кои земаат плата само за преглед и одбивање на недокажани или лоши лекови. Ако некој лек им го „зголеми профитот“ на фармацевтските компании со тоа што луѓето се разболуваат, тој лек исто така го „намалува профитот“ во државата која ем губи приходи од даноци кога луѓето кога не можат да работат не ги плаќаат, ем и треба да плаќаат за лекување.
Но, згора на тоа, што мислите дури и луѓе кои работат во фармацевтски компании – дека тие само ги трујат луѓето за пари? Колку би ви платил некој за да ги отруете семејството, соседите, пријателите? А ти самиот? Запрашајте се тоа, па погледнете околу вас колку научници милионери гледате. Каде се сите силни пари што „тие“ ги плаќаат на „лекарите“ за да го „трујат народот“?
Секогаш има малверзации и корупција, но системските малверзации и корупција не се вообичаени, не во функционалните држави. Кога американската ФДА или европската ЕМА одобруваат лек, тоа е процес што е многу тешко да се измами, особено во последните четириесет години. Дури и кога нешто поминува низ пукнатините – лекови кои не се подобри од претходните, или за бесмислени патенти што даваат поголем профит и ја зголемуваат цената на лекот; никој не успеал да протни нешто што всушност е опасно по здравјето.
Вакцините се тестираат буквално со децении. Вакцината против ХПВ се појави на пазарот по две децении развој и стотици студии, на пример. И сите вакцини, без оглед колку се стари, се следат после тоа , низ децениите на повисоки нивоа. На секоја индивидуална парцела за производство на секоја вакцина и е даден број и поминува посебна проверка на квалитетот за да се добие одобрение за ставање во промет. Постојано се прават нови студии и постојано се разгледува дали има некој несакан ефект што бил пропуштен претходно.
Што нè доведува до тажен парадокс?
Интернетот е полн со луѓе кои мислат дека се борат против „фармакомафијата“, борејќи се против вакцините. Во реалноста, заработката на фармацевтските компании е многу поголема во лекувањето на болести отколку во вакцините. Просечната цена на вакцините е помалку од едно евро по доза, а сите вакцини заедно претставуваат само мал дел од заработката на фармацевтската индустрија.
Згора на тоа, гореспоменатите научници, лекари, јавни здравствени работници, кога треба да се борат против антиваксерите на Интернет, тоа директно го намалува количеството енергија и време што им останува за следење и ограничување на обемот на евентуалните фармацевтска измами. Јас и моите колеги имаме своја теорија на заговор (онака полу-сериозно) – да.
Кои се реалните ризици од вакцинацијата?
Повторно ќе искористам една метафора: Ако сега испратиш e-mail до десет милиони луѓе, што ќе се случи? Во текот на следните два месеци, во таа група ќе се појават околу 4.000 срцеви и 4.000 мозочни удари. Исто така, ќе има над 9000 нови дијагностицирани од рак, а околу 14 000 луѓе ќе умрат од различни причини – многумина само по неколку часа откако ќе кликнете на „испрати“. Сега, дали сето ова се случи затоа што им испративте е-пошта, или затоа што тоа секогаш се случува кога гледате која било група од десет милиони?
Сега заменете ја е-mail пораката со вакцината. Дајте десет милиони дози од вакцината, и што ќе видите? Точно истото, само сега оние што умираат или се разболат, тоа го припишуваат на вакцината. Што потоа се пријавува и оди до судовите, поради што разни земји мораа да развиваат специјализирани програми за следење на последиците од вакцинацијата. Американскиот систем (VAERS / VICP) е особено детален и дозволува да се следи бројот на проблеми предизвикани од вакцините со децении.
Резултатот е јасен: за секој милион дози дадени вакцини, во просек има околу 1 до 2 случаи на тешки несакани ефекти со долготрајни последици.
Убедливо најчестиот вид на такви сериозни несакани ефекти, над половина од вкупниот број, е повреда на рамениот зглоб. Имено, ако инјекцијата се стави на погрешно место, превисоко на рамото, можно е иглата да влезе во самиот рамен зглоб. Бидејќи вакцината е направена за активирање на имунолошкиот систем, тогаш тоа предизвикува воспаление и оштетување на зглобовите. Вакцините против тетанус, кои се даваат многу почесто од другите (затоа што се обновуваат на секои 10 години и затоа што се даваат по многу убоди или посекотини), имаат најмногу сериозни проблеми поради ова, околу 13 случаи на милион дози. Скоро сите проблеми се поради овој проблем со рамото.
Следната најчеста тешка последица од вакцинацијата е несвестица. Луѓето се онесвестуваат кога ќе бидат прободени со игла, паѓаат, се повредуваат, тужат, добиваат компензација. Не е шега – ова е една од најчестите негативни несакани ефекти на вакцината.
После тоа, тука е и алергиска реакција на вакцината: ретко, но и тоа се случува. Конечно, во исклучително ретки случаи (помалку шанси отколку гром да убие човек), вакцината може да произведе исклучително силна реакција, со толку висока температура што предизвикува оштетување на мозокот; ваквите несакани ефекти се јавуваат еднаш на десетици милиони дози вакцина.
За споредба, секој пат кога ќе ја поминете улицата, имате поголем ризик од смрт и повреда. Буквално: постои поголема шанса за смрт на патот кон брзата помош, отколку заради последиците од вакцинацијата.
Кои се вистинските придобивки од вакцинацијата?
Во еден од последните долги разговори со мојата сега почината баба, започнав разговор за вакцинирањето. Нејзино тоа и беше несфатливо: се сеќаваше на својата младост, кога на секои неколку години некој во селото умирал од тетанус; што е ужасна и тешка смрт. Денес, кога огромното мнозинство на луѓе се вакцинирани, овие болести се скоро заборавени. И дојдовме до денешната ситуација кога многу луѓе мислат дека ризикот од вирус е помал од ризикот од вакцинација. На крајот на краиштата, тие не познаваат никого што има последици од вирус – зошто да се мачам?
Да земеме пример за „детски“ вирус, можеби најмалку сериозен од сите против кои се даваат вакцини: овчи сипаници, сипаници. Кај заразени деца, има осип, треска, чешање и повеќето деца поминуваат само со неколку мали лузни што остануваат после пликовите. На прв поглед, ништо страшно.
Но, варичелата остава оштетување на крвните садови во телото; и ја зголемува подоцнежната веројатност за мозочен удар. Ако зарази бремена жена, нероденото бебе често останува со сериозни невролошки последици. Дури и со обична инфекција, едно дете од секои 60 000 умира, а едно на секои две илјади останува со поголеми последици. Најголем проблем е енцефалитисот, воспаление на мозокот, кое се јавува приближно еднаш на секои пет илјади случаи на заболување.
После болеста, вирусот не бил уништен. Тој се крие на краевите на нервните клетки на кожата, и таму чека можност. Ако имунолошкиот систем се намали подоцна во животот, вирусот станува активен повторно во форма на болест на херпес зостер – многу болен осип што може да предизвика слепило доколку се прошири на очите. Згора на сето ова, иако вакцинирањето може да биде темпирано да се направи кога одговара на детето и родителите, инфекцијата не може; ако детето не го зафати вирусот во детството, може да го добие подоцна, а инфекцијата кај возрасните е многу посериозна и со многу поголеми проблеми и последици.
Со други зборови, дури и за релативно „слаб“ вирус, ризиците се стотици пати поголеми од ризикот од вакцинација. За поопасните вируси, оваа рамнотежа е уште полоша. Споменатата сипаница, мали сипаници, кои однеле животи на илјадници деца во Јапонија, остава секундарни последици дури и кај деца кои поминуваат со лесни форми. Имено, овој вирус ја „брише меморијата“ на имунолошкиот систем, и го прави детето подложно на претходните вируси кои биле пренесени. Детето тогаш мора да однов да гради имунитет на сите риновируси, коронавируси и други болести против кои веќе претходно се изборило.
Биланс на ризик
Секојпат кога ќе напишам ваков текст, има група луѓе чиј став се сведува на „можете да кажете што сакате, никогаш нема да ви верувам“. Овие луѓе мислат за себе дека се многу претпазливи и многу мудри, а всушност тие претставуваат група што се изложува себеси и своите деца на поголеми проблеми и поголеми ризици, едноставно затоа што го помешале верувањето со знаењето. Но, тие имаат избор како и сите други. Треба само да бидеме јасни за тоа кој е тој избор што го имаат.
Тоа можеме да го илустрираме со пример.
Во студиите од последната деценија, во Америка, некаде помеѓу 80 и 90% од сите возачи секогаш ги врзуваат безбедносните појаси во автомобилите. Во исто време, 60% од сите смртни случаи во сообраќајни несреќи се направени од луѓе кои немале појас. Значи, дека една десетина од возачите кои немаат појас сочинуваат повеќе од половина од вкупните смртни случаи. Појасите се една од наједноставните и најефикасните мерки со кои едно лице може да се заштити од ризик од сообраќајна несреќа.
Но, појасите не се без недостатоци. Секоја година има неколку случаи во кои автомобилите паѓаат во реки или езера, а луѓето се дават затоа што не можат навремено да се ослободат од појасот. Но, и покрај фактот дека појасот може да биде штетен, изборот е јасен. Одбивањето на едно лице да се врзе со појас, значи дека едно лице се плаши од многу редок проблем и дека намерно се изложува на стотици пати поголем ризик.
Истата логика важи и за вакцините. Низок ризик од несакани ефекти од вакцината или висок ризик од вирус? Доверба на експерти, научници, институти за јавно здравје – или на надрилекари и преваранти од Јутјуб и Фејсбук? Секој може да избере за себе.
обработка: Јане Ѓорѓиоски
Преглед на научни дела од авторот ТУКА.
Прочитајте поврзано со темата:
– За RNK вакцините против Ковид-19 (Фајзер и Модерна), на разбирлив јазик
– Новата мутација на коронавирусот и за што треба да бидеме загрижени?
– Која вакцина против Ковид-19 да се одбере?
– Кој може, а кој не треба да прими RNK вакцина против Ковид-19?
Текстот е преземен и преведен од блогот на авторот Милош Бабиќ без никакви измени во текстот, освен во насловот и додадените илустрации. При преземањето почитувани се правилата од CC BY 4.0 лиценцата.