Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во својот говор на провинцискиот конгрес на владејачката Партија на правдата и развојот преку видео врска од Истанбул, изјави дека нацијата треба да очекува „порадикални реформи“ во економијата и судството, објави МИА.
Познавачите на состојбите, во брифинг за Фронтлајн, го изнесоа својот сомнеж во поглед на оваа најнова изјава на турскиот претседател. Нашиот извор вели дека ова може да значи и најава за нов бран апсења на непослушните.
Ердоган не најде за потребно да сподели повеќе информации и детали за неговите „реформи“.
– Кога ќе дојде вистинско време, ние ќе ја споделиме со нашата нација работата што ја направивме за да спроведеме многу порадикални реформи, истакна Ердоган во своето онлајн обраќање.
Официјални претставници на турската владејачка партија говореа и за тоа дека Турција одлучно ќе спроведе реформи кои ќе ја направат иднината предвидлива за инвеститорите. Повторувајќи дека Турција ќе ги постигне своите цели за 2023 година под раководство на неговата влада, Ердоган нагласи дека и новите проекти ќе бидат ставени во функција.
– Кризата со Ковид-19 ја покажа силата на нашата здравствена инфраструктура, земјотресите ја покажаа силата на нашата инфраструктура за катастрофи, а пандемиските мерки ја покажаа силата на нашата инфраструктура за производство, снабдување и образовна технологија, додаде турскиот претседател.