Иако годината започнува со добри вести за сè повеќе регистрирани вакцини и почетокот на масовната вакцинација против Ковид-19, што е неоспорен успех на современата наука што ќе ја запре фаталната пандемија, управувањето со кризата во текот на претходната година не беше особено добро оценето во многу земји. Едно од многуте контроверзни прашања (што се поставува практично во целиот свет) е – зошто, заедно со појавата на новиот коронавирус, има невиден бум и во теориите на заговор, псевдонауката и лажните вести. Каде беа направени пропустите и дали можеше нешто да се стори по избувнувањето на заразата во централна Кина пред една година?
Проблемите, сепак, започнуваат многу долго пред Вухан. Илјадници години пред пандемијата на коронавирусите и сите други во запишаната историја, дури и пред самата историја. Во тоа време, во неолитот, пред околу дванаесет илјади години, човекот ги припитомил првите растенија и животни, развил земјоделство, започнал сам да произведува храна и прераснал во „господар на природата“ кој е неповредлив во однос на сите други суштества.
Оваа најголема технолошка револуција во човечкото минато менува сè – поврзано со производството на земја и храна, луѓето повеќе не живеат како ловци-собирачи, се населуваат во трајни населби, живеат едни покрај други, а безгрижноста којашто ја носат резервите на храна доведува до првиот раст на човечката популација. Никнуваат првите градови, првите цивилизации. Антрополозите денес се свесни дека во текот на оваа бурна трансформација: се менуваат навиките на луѓето, се менува исхраната и здравјето на луѓето од неолитот, нивните заби страдаат повеќе и се појавуваат дигестивни проблеми.
За време на неолитот, луѓето почнуваат да се заразуваат за прв пат. Живееќи заедно со животните со кои делат заеднички простории, луѓето стануваат подложни на таканаречените „зоонози“, болести кои преминуваат од животните на луѓе. Покрај заедничкото живеење, водата е често контаминирана со патогени микроорганизми и се појавуваат болести кои се пренесуваат на овој начин.
Бидејќи сега, за разлика од претходните епохи, луѓето живеат во масивни и сè помасовни заедници, близу една до друга, инфекциите лесно се пренесуваат и за прв пат стануваат главен непријател на човекот, што се појави токму кога тој успеа да ги победи повеќето други опасности. Сепак, оваа епоха од гледна точка на еволуцијата беше вчера – човекот еволуираше многу порано, преку претходниот процес на развој на хоминиди, процес долг милиони години.
Во текот на тој процес, меѓу другото, тој развил и некои системи на размислување кои одговараат на сосема различни околности. Пред тоа, луѓето не можеле да уживаат во обилна храна и немале безбедност, туку живееле на дистанца, ситуација што епидемиолозите сега можат само да ја посакаат – во ловни групи, движејќи се низ простори како и секоја глутница предатори, осамени, во мали заедници, исплашени. од други ѕeверови, но и од други групи на луѓе. Во таков свет, без страв од вируси, тие развиле други одбранбени механизми, сомневање кон странци, загриженост дека можат да бидат привлечени во стапица и воопшто сите оние мисловни механизми што го прават човекот денес природно подложен на теории на заговор.
Откако лауреатите на Нобеловата награда Даниел Канеман и Адам Тверски го објавија својот пионерски труд за хеуристика и заблуди во нивното прво истражување во 1973 година, кој беше изразито цитиран, за потоа со трудот од 1979 година за теоријата на перспективата, да укажат на неточноста на теоријата на Бернули за донесување на одлуки, психолозите продолжија детално да го истражуваат донесувањето одлуки и дознаа за чудниот свет на човековите предрасуди. И нивната неопислива моќ.
Човечкиот мозок, како што истакнува научниот писател Греам Лотон во многу забележителениот осврт во списанието „Нов научник“, функционира природно со неколку когнитивни предрасуди коишто го прават толку склон кон теории на заговор.
Овие предрасуди може да се поделат на: „пропорционални“ (да се верува дека големите настани како што е пандемијата мора да имаат многу поголема кауза од минијатурен вирус), „ интенционални односно намерни“ (да настаните се случуваат секогаш како што некој планирал, и дека не се случуваат случајно) и „конфирмациони односно потврдни“ (да се изберат само оние докази што го поддржуваат нашето тврдење), од што произлегува таканаречената „илузија на разбирањето“, при што го преценуваме знаењето за тоа како функционираат работите.
Механизмите поради кои луѓето се предмет на теории на заговор и воопшто заблуди, ни овозможуваат да разбереме како се појавуваат, како се шират и како да ги запреме. И да, нешто за што можеби не сте размислувале, за верување во заблуди и теории на заговор не се потребни паметен телефон и апликации. Иако сето тоа придонесува за полесно ширење, не е виновна само пандемијата за прифаќање на ваквите верувања, ниту новите технологии, медиуми, социјални мрежи, своевидна корупција на современиот човек, туку за ова виновна е и самата човечка природа, каква што ја имаме уште од предисториско време.
Различни движења, главно несвесно, искористуваат многу од овие механизми за да ги прошират своите идеи и теории. Сепак, политички организирани и финансирани, и многу масовни движења како „QAnon“ во Америка, откриваат сосема нови спирали во ширењето на заблудите, што во последните неколку недели во САД се нарекуваат како негативното наследство од Доналд Трамп. Свесни за психолошките слабости на гласачите, креаторите на политичките кампањи не се двоумат да ги развиваат, пласираат и потоа ги користат најневеројатните теории на заговор во своја полза.
Следната година нема да биде како претходната, година на инфекција. Сигурно е дека сега, откако научните центри и лабораториите успеаја да произведат ефикасно оружје против самиот вирус за рекордно време, вакцинацијата станува централна тема во нашите животи. Бидејќи брзината на имунизација и со тоа да се спречи вирусот да развие отпорност на вакцината зависи од неговата ефикасност (под услов вакцините да пристигнат во доволен број), прашањето за вакцинацијата станува „бојно поле“, каде што, меѓу другото, сега веќе неизбежно ќе се отвори конфликт помеѓу два производи од човечката еволуција – теориите на заговор и разумот.
пишува: Слободан Бубњевиќ
обработил: Ј. Ѓорѓиоски
Текстот е преземен со дозвола од „Наука кроз приче“.