Жените – жртви на насилство ги има во сите градови и села, тие имаат секакви професии и различни социјални статуси, имаат разни кариери и секаков степен на образование, на секоја можна возраст се и со различни карактери.
Токму за храбрите, амбициозните, успешните, токму за нив понекогаш е и најтешко.
Ова е толку болна и толку голема тема особено во вака примитивно општество со нефункционални институции, ама добро функционална „селска чешма” што просто човек не знае од каде да почне да и’ пристапува.
Пред некоја година, на пример, на денов сум била згрозена од вакви „поезии”:
„Жената треба да е мазена и пазена, не да се тепа, жената заслужува внимание и нежности, тоа е нечија ќерка, сестра, жената треба да биде чувана“…
Фрчеле и фрчат вакви срцепарателни порачиња демек жената е едно кутро, кревко суштество па oние, надмоќните, треба да престанат да бидaт кретени и насилници поради сожалување или од пуста желба да се грижат за неа и /или поседуваат!
А жената не е (само) нечија сестра, ќерка, сопруга, нејзе не ја дефинира тоа и не и‘ треба старател.
Жената е просто човек и може да ве изеде со заби колку е силна. Потрудете се да ја потсетите на тоа, а не да пуштате жалопојки за да го девалвирате значењето на борбата против насилство.
Значи, да почнеме од тука, па едно по едно…
Новинарката Катарина Синадиновска на својот Фејсбук профил со пост за Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените.