коментира: Вики Ристоска Чадикоска
Живееме во време кое само по себе носи силно бреме. Децата ни се приковани за дигиталните алатки. Но, наместо да се залагаме за да најдеме форма како да ја надминеме социјалната празнина, која ја живееме како резултат на пандемијата, ние влегуваме во заложнички битки на теоретичарите на заговор. Дали сексуално образование ќе се учело од второ? И дали на часови ќе имало секс? Ама дали се слушате другари? Не, сериозно ве прашувам. Во учебниците по билогија има за репродукација на животни и луѓе, па наставниците не им пуштаат порно, за да сфатат децата што е тоа. Прочитајте, истражете малку, наместо да дозволувате нечии интриги да бидат водилката, која ви влијае на перцепцијата. Та зар сте заборавиле дека и ние сме учеле тоа сме го учеле по биологија?
Тажно е што професорот Венко Андоновски, како образовен лик, не смогна сили да побара начини како да им помогнеме на нашите деца да израснат во здрави личности, како да се надополни недостигот од вистинско социјално општење со врсници, како да им помогнеме на цели генерации да го сочуваат своето емоционално и ментално здравје, како да им го надоместиме она што им недостасува, социјалниот елемент од реалната дружба со нивните врсници … За жал, тој во еден исклучително ранлив миг по психата на младите, во своето видување за емоциите, ја препорачува книгата Ана Каренина, каде пораката е кога некој е несреќен со своите емоции и не може да најде спас на личното незадоволство, може да се самоубие. Професоре, до толку ли не ви текна дека таа порака е многу погрешна во ваква кревка состојба? И секако да, за емоциите се работи. За оние вистинските, за недостигот од заљубување и пеперутките на кои сите сме се радувале како деца. Сега тие фалат, затоа што нема реални средби. Децата ни се осамени. Ние сме единствените со кои се среќаваат. Дали ние сме нивното вистинско друштво? За жал, тој е изборот.
Претпоставувам дека сите сме наелектризирани. Целата оваа состојба, која трае, а судејќи по случувањата, нема брзо да заврши, та ги вадиме од нас личните стравови, притоа заборавајќи дека ние треба да бидеме ликот кој ќе ја гради стабилноста на нашите идни поколенија. Во таа насока, не гледам ништо друго позначајно од фактот како да им обезбедиме здраворазумност и ментална стабилност на нашите деца, а тоа е тешко, кога најголемиот дел од своето време го минуваат изолирано дома, сами без физички контакт со своите другарчиња. За жал, во овој период, онлајн просторот станува место за нивна социјализација, но реално тоа не е вистинското огледало во кое треба да се огледуваат децата кои се на премин од една во друга животна фаза. Најранливата, најемотивната, кога се во тело деца, а во мислите убедени дека се возрасни. Кога бараат одговори, но, не ве доживуваат најпријатно, кога со нив делите одредени прашања. Во периодот од адолесценцијата, знаете и сами од личните искуства, другарите се поважни од родителите. Од нив се учи повеќе, со нив се дели сè. Па дури и грешките.
Затоа другари кога сите се правиме паметни, помислете често на тие умни глави кои се физички заробени дома. Тие за жал не знаат која е магијата на првата симпатија и пеперутките додека таа или тој ти го пресретнуваат патот. За нив, во овој миг е многу позначајно да останат емоционално стабилни, ментално силни, тој е приоритетот за кој треба да бидеме гласни. Да бараме дебати со педагози, психолози, едукатори, со луѓе кои навистина ќе ни помогнат да им го надоместиме она што неизмерно им недостасува, вистинско, реално социјализирање со нивните другарчиња. Тоа е најважно сега, оти искрено да, за децата се работи, за нивниот дух и личност кои на секој одговорен родител му се најважни. И да се молиме, ова да заврши брзо.
Текстот е Фејсбук објава од авторката и е личен став