„Регистрите кои ги имаме во електронска форма ќе завршат голем дел од работата, но има прашања во формуларите кои не можеме да ги одговориме преку електронските бази. Едноставно ќе има прашања на пописот од кои зависи иднината на државата, а кои не можеме да ги обезбедиме само со електронско попишување, затоа е неопходно да имаме попишувачи на терен. Најважно е дека после 20 години ние сме на добар пат да имаме попис. Партиите, како ВМРО ДПМНЕ, како Левица, постојано лажат дека постои договор во власта за некакви наштимани бројки, па некои граѓани се плашат, па прашуваат, но една е пораката дека граѓаните мора да им веруваат на институциите, на стручните лица. Лажните вести на опозициските партии може да нанесат сериозни штети на државата, на одредени општествени процеси, како пописот на пример.“- предупреди пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, во емисијата „Само вистина“, на Канал 5.
Ги повика граѓаните да не се плашат, а партиите да престанат да повикуваат на бојкот, оти неуспешен попис е штета за самите нас.
„Да не се плашат граѓаните за пописот, да не потклекнуваат, а ВМРО ДПМНЕ да не повикува на бојкот, тука нема победници и поразени, ова не се избори. После успешен попис добиваме сите ние, и заслугите се на сите нас. Не е државнички да се политзира, да се бојкотира една ваква операција. Партиите не ни треба толку да доминираат во јавноста околу пописот, тоа е работа на институциите, на стручната фела… А гарантираме дека пописот ќе биде безбеден од аспект на здравјето, оти имавме избори и знаеме како поминаа.“- гарантираше Костадинов уверувајќи дека институциите се подготвени и дека попис, после 20 години, мора да има.