Mинистерката за образование и наука, Мила Царовска во интервју за МИА, вели дека нема друга опција освен да ја спроведе државната матура, за која вели сите ученици што сакаат да полагаат во рокот ги пријавиле предметите и нема право да им го ускрати тоа право.
„Јас имам обврска како министерка за образование и наука да го спроведувам доследно Законот. Законот е јасен, државната матура е дел од законското решение. Тоа е и обврска за сите оние што сакаат да го продолжат своето образование кон високо во државата или надвор од неа. Учениците имаат право, а ние имаме обврска да им го оствариме тоа право на полагање државна матура. Сите ученици што сакаат да полагаат државна матура до крајниот рок, крајот на декември, ги пријавија и предметите и проектната задача. Голем дел од нив и се спремаат и сметам дека ние навистина немаме право да им го ускратиме правото на полагање матура поради тоа што ако министерот покаже дека не го почитува Законот, што останува за останатите. Ние треба да бидеме пример и затоа во согласност со Законот јас немам друга опција освен да ја спроведам државната матура“, вели Царовска.
Таа порачува дека сега сите рокови се одминати за да се прави нов концепт за матура, кој е во план да се подготвува за наредната година.
На прашањето дали можност за некаква иницијатива за менување на Законот, таа одговара:
„Можеби во наредниот период за идната матура поради тоа што имаме направено работна група заедно со средношколците, со Државниот испитен центар којашто се однесува на нов концепт за полагање матура, треба да се осовременува. Ние и оваа година направивме на почетокот мали приспособувања, воведовме Информатика, Географија за што беа известени сите средношколци, беше известена Унијата на средношколци, проектната задача ја променивме – тие сето тоа го поздравија. И сега, и со нив се видовме и пред еден месец и утврдивме дека за наредната година тие ќе учествуваат во новиот концепт за матура, ќе го правиме заедно, но за оваа сите рокови се одминати и ние имаме обврска кон учениците коишто пријавиле матура“.
Барањата на Сојузот на средношколци во врска со матурата е да се направат законски измени за државната матура кои ќе важат само за оваа учебна година, а ќе се однесуваат на намалување на предметите. Ова барање тие го упатија поради ситуацијата во образованието во текот на пандемијата со ковид-19. Веќе имаа и средби со пратеници, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ги поддржуваат и поднесоа предлог-измени на Законот за средно образование. /МИА Интервју/.