На списокот на компании кои добиле државна помош, а не исплатиле плати на вработените во декември се најде и телевизија „Алфа“. Според податоците кои владата ги објави фирмата добила парична помош од 1,775,820 денари за 102 вработени лица.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска во четвртокот информираше дека се пратени опомени до компаниите, и предупреди доколку не ја исплатат помошта, ќе следи присилна наплата со блокада на паричните средства на нивните сметки и пренос на средствата на сметките на вработените и уплатните сметки на УЈП.
Според Законот следат глоби: од 500 до 1.000 евра на микро – правно лице, од 500 до 2.000 евра за мало правно лице, од 1.000 до 6.000 евра за средно и од 1.000 до 10.000 евра за голем даночен обврзник.
Откако се нашле на списокот на компании кои добиле државна помош преку анти-ковид мерките, а не исплатиле навремено плати на вработените, од телевизија Алфа велат дека по неколку дена откако ги добиле парите им се исплатени плати на вработените и велат дека со ова се врши притисок кон нив бидејќи биле независен медиум, пишува порталот Република. /Цивил Медиа/