Германската компанија БиоНТех денеска започна со производство на својата вакцина против коронавирус во новата фабрика во германскиот град Марбург, со што треба да се забрза снабдувањето со вакцината до крајот на годината.
„Првите вакцини ќе бидат доставени на пазарот на почетокот на април“, се вели во соопштението на компанијата.
Производството допрва треба да биде одобрено од Европската агенција за лекови (ЕМА), а целата потребна документација треба да се достави во текот на февруари и март, по што се очекува дозвола за работа.
Властите во сојузната држава Хесен, каде се наоѓа фабриката, веќе издале дозвола за започнување со работа.
Во првата половина на оваа година, новата фабрика треба да произведе 250 милиони дози вакцина против коронавирус, а кога фабриката ќе проработи со полн капацитет, треба да произведува 750 милиони дози вакцина годишно.
Со отворањето на новата фабрика, BioNTech и нејзиниот глобален партнер Pfizer сакаат да ја постигнат целта за глобално производство на две милијарди дози вакцини во тековната година. БиоНТех ја купил фабриката во Марбург во септември од швајцарската компанија Новартис.