Под наслов „Што ли нема да смислат- Камчев го привеле за божемна изборна измама?!“ новинарот Бранко Героски отворено застанува во одбрана на притворениот Орце Камчев. Освен што сака да ја дефокусира јавноста од вистината, дека Камчев е одговорен за финансиски криминал во две кривични истраги, поврзани со перење пари и нелегални трансакции, наведува дека другите медиуми дезинформирале со тоа што ја објавиле вистината, дека Камчев е под истрага за случаите „Империја“ и за „Плацеви на Водно“.
Или, Героски избра да ги обвини новинарите за ширење шкепулации затоа што напишале дека перењето пари во „Плацевите на Водно“ заедно со Никола Груевски, Ристо Новачевски и Сашо Мијалков, искористиле црни пари од партијата и купувале парцели над Скопје. Па, и дека шпекулирале колегите со тоа што објавиле дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) имала докази дека Камчев сака да ја напушти државата.
На крајот, како заклучок, Героски тврди дека сето ова (што е изнесено во медиумите) веројатно е неточно, затоа што Камчев, според Героски, бил приведен за некаква изборна измама за која приведениот не знаел ништо.
Може Камчев да не знае за изборна измама, ама многу добро знае како се правеле финансиските малверзации и како се полнеле нечии сметки во предметите во кои е под истрага. А се завртеле многу милиони евра. Само за плацевите на Водно бегалецот Никола Груевски незаконски си присвоил најмалку 1,3 милиони евра од донациите за ВМРО-ДПМНЕ додека бил претседател на партијата и потоа со тие пари си купувал имот. Според истрагата, на Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Мијалков и Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Новачевски е третоосомничен, тој бил управител на фирмата поврзана со Белизе, преку која одело купувањето.
Е, заради ова Камчев е во притвор, а наскоро ќе биде и заради „Империја“. И Героски го знае тоа многу добро, но некои работи мора да ги пренасочи. Исто како во периодот кога актуелен беше предметот „Рекет“, а тој мораше отворено да застане на страната на Камчев. Денеска Геро објави и тоа дека ова со Камчев е претстава режирана да се сокријат скандалите на власта, ама на крајот изгледа Геро сака да покрие нечиј скандал, милионски скандал.
Д. Е.