пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ
Ја читам вчера вечерта доцната објава на онлајн изданијата на германските „Шпигл“ и „Фокус“ за ургентната оставка на пратеникот на ЦСУ во германскиот Бундестаг, Тобијас Цех, заради „петцифрените хонорари за консултации“ (во евра, разбира се) што ги добивал преку неговата компанија за лобирање за потребите на ВМРО-ДПМНЕ „на корумпираниот политичар Никола Груевски“ во 2016 година. Ако не ме лаже памтењето, типчево им се шеташе по изборните бини на ВМРО (заедно со австрискиот премиер Курц, така?), а Груевски се сликаше со него и во Ла Валета, на Малта, како го брифира Цех за „изборната измама на СДСМ“ со „Тиранската платформа“… И други бајки од тогашната бест-селер сликовница „Жолто комбе“ на Груевски.
Ах, сеќавања, мемории, будат емоции на едно минато, возбудливо време, во кое сите можности беа во игра, а иднината на сите ни висеше на конец… Само што германските даночни служби веројатно имаат поинаков, помалку сентиментален поглед кон минатото, за што треба да се претпостави дека ќе има дополнителни објави во тамошните кривично-правни билтени.
Којзнае колкав бил македонскиот цех на германскиот пратеник Цех… Тие пари од некој „џеб“ овдека се одлевале, а и не само за Цех (памтите: тие години американските даночни служби објавуваа податоци за големи суми плаќани од ВМРО за партиско лобирање околу Белата куќа, само што погрешно се обложија на Хилари, а не на Доналд), а-пропо тековните процеси на СЈО за милионските перења партиски пари и исчезнати донации од партиската каса на денешната опозиција.
(Патем, јас, смотан, пропуштив нешто или навистина немаше никаква хистерична прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ по повод притворањето на г. Камчев?! Ш’о така само со штуро партиско соопштение го пуштија човекот низ вода?)
Само, не се овие информации за причините на оставката на Цех толку важни и релевантни, бидејќи ги објавуваат медиуми како овие ниско-тиражни и слабо-влијателни германски „Шпигл“ и „Фокус“… Е-хееее, ова синоќа да го објавеше италијанската „Ла Верита“, уште утринава глави ќе се тркалаа по нашиве социјални мрежи, Русковска ќе мораше специјално соопштение за отворање предистрага до пладне да објави, а фулот портпароли на ВМРО-ДПМНЕ попладнево ќе беа примени за инфузија во „Систина“ заради физичка исцрпеност и дехидрираност од цел ден плукање по власта. Вака, голема работа, објавиле нешто таму некакви „Шпигл“ и „Фокус“ во малата и неважна Германија…
Зборот ми е, немаме ние, всушност, поим колку пари се потрошени за да останат на власт, а потоа колку пари се изнесени и пред, а особено кога почнаа да сфаќаат дека власта на друг му се насмевнува. Бегот во Будимпешта толку многу пари исцица, што може виртуелна држава да си направи за да си игра политика, како што си ги игра сега сите овие во опозицијава. Којзнае што ќе читаме во унгарските медиуми кога, еден ден, ќе падне Орбан од власт – петцифрените хонорари на германскиов пратеник заради коишто, сирот, си поднел оставка ќе ни изгледаат како ситен бакшиш за грицкање семки во споредба со милионските трансакции со кои Груевски си ја купи слободата во Унгарија. Ама, па, и Орбан има рок на траење…
А, во меѓувреме, ајде да видиме на која судска клупа е седнат Миле денеска и што забавно ќе ни соопштат Антонио и Христијан за актуелната состојба со криминалот во државава…
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.